Македонија
7. February 2017 - 10:52

Кавадарци дел од манифестацијата „Македонија во ритамот на Европа“ - 2017

Кавадарци е една од дваесетте општини која ќе биде дел од манифестацијата „Македонија во ритамот на Европа“ 2017. Станува збор за дипломатска детска манифестација, поддржана од страна на Министерството за локална самоуправа и Секретаријатот за европски прашања, амбасадори од Европа и  од Европската унија.

Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов и директорот на манифестацијата Игор Карадаревиќ, денеска го потпишаа документот за соработка.

- Проектот всушност значи промовирање на талентот на нашите деца. Преку ваквата активност градиме еден заеднички европски дух, рече Панов.

Карадаревиќ информираше дека покрај основци и средношколци од Македонија, најмногу до дваесет од секоја општина, ќе учествуваат и претставници од Србија, Црна Гора, Белгија, Норвешка и други земји.

Целта  на манифестацијата е поттикнување, развивање, препознавање и зачувување на младите таленти, промоција на интеркултурализмот, толеранција, рамноправност на полови, почитување на човековите права, различностите, соработка и доживотно учење.

Манифестацијата секоја година се одржува во земјата победник од претходната година. Во 2017 година ќе се одржи во Скопје, а ќе се пренесува на Македонската радио телевизија, но и на десет други национални телевизии во Европа. Децата кои ќе ја претставуваат својата општина ќе се претстават со изведба на јазикот на земјата чиј амбасадор ќе биде определен за соработка со конкретната општина. Сите трошоци за подготовка на децата за настап на манифестацијата „Македонија во ритамот на Европа” ќе бидат покриени.

Победникот на манифестацијата за 2017 година ќе биде избран врз основа на гласовите на публиката и гласањето на жирито од општините учесници по пат на СМС-пораки. Педесет отсто од прибраните средства од СМС гласањето ќе бидат уплатени на сметка на општината победник, како наменски средства во буџетот за болници, училишта, детски градинки, спортски и културни установи и слично. Децата победници ќе ја посетат земјата чија што амабасада ја претставувале на натпреварот. Трошоците во целост ќе бидат покриени од страна на организаторот. Градот од кој потекнува победникот на манифестацијата, за следната година ја добива организацијата и телевизиски пренос во живо во Македонија и останатите земји учеснички.

На состанок со претставници од кавадаречките училишта, беа појаснети  поединости околу учеството во настанот.

Манифестацијата ќе се одржи во месец јуни. Покрај Кавадарци, дел од неа ќе бидат и општините Охрид, Јегуновце, Битола, Куманово, Прилеп, Штип, Василево, Кочани, Гостивар, Дојран, Кичево, Велес, Свети Николе, Дебарца, Радовиш, Новаци, Крива Паланка, Делчево и градот Скопје.