Македонија
26. August 2022 - 21:16

Касами обвини: Груби им ја зема зградата на македонските гимназијалци во Тетово

„Стара медицина“ ќе биде новата зграда на Катастар бидејќи онаа која сега се користи нема услови за чување на архивата. Владата вели дека пренамената на објектот е во рамки на законот. Зградата е на државата и е неопходна за да може да функционира катастарот. Каде ќе се префлат учениците на 5 дена пред стартот на новата учебна година, нема одговор.

Имајќи предвид дека катастарската документација спаѓа во категоријата на архивска граѓа од трајна вредност, треба да се обезбедат простории со соодветни услови кои ќе овозможат заштита и чување на катастарската документација.

Дополнително, досегашните просторни услови воопшто не се соодветни за пристап за повозрасните лица како и за лицата со попреченост и инвалидитет што е спротивно на политиката на Владата за да се олесни комуникацијата на институциите со сите граѓани, се наведува во владината реакција.

Градоначалникот на Тетово пак смета дека станува збор  за  политички реваншизам по поразот на ДУИ и СДСМ на последните избори. Со оваа одлука автоматски на општината и се одземаат ингеренциите над овој објект.

Наместо Владата да нуди инвестиции за зголемување на просторниот капацитет за учење и создавање потребни услови за учениците, таа го прави спротивното. Одзема простории само за да ја задоволи загубата на функционерите на ДУИ. Владата на РСМ го крши законот за основно и средно образование изјави Билал Касами.

Македонските ученици со години минувале низ голгота во текот на својот образовен процес. Постојано селење, настава без греење во зима, страв за безбедност, и импровизирани простории се дел од предизвиците со кои се соочувале гимназијалците. И оваа година се поставува прашањето дали учениците на први септември ќе добијат соодветни услови  за школување.