Македонија
11. March 2021 - 17:00

Каракачанов објави список на наводни Бугари меѓу македонски политичари- објавените тврдат дека немаат двојни пасоши

Каракачанов со нова провокација. Бугарскиот вицепремиер на ФБ објави листа на македонски политичари кои имаат бугарски пасош, во најголем број високи партиски функционери и пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Антонио Милошоски, Александар Николоски, Никола Мицевски, Љупчо Димовски, Александар Пандов, Петар Богојески се дел од листата на Каракачанов.

Деновиве „копав“ по веб-страниците на бугарските општини и доволно е да се погледне објавениот список на избирачи за да се најдат многу интересни имиња, сите луѓе од Македонија, кои стекнаа бугарско државјанство врз основа на декларираното бугарско потекло и се идентификуваа како етнички Бугари. Се разбира, секое совпаѓање на имиња со луѓе кои заземаат водечки политички и јавни функции во Македонија може да биде случајно. Меѓутоа, ако не е случајно и ако овие луѓе се оние на кои мислам, се надевам дека и ова е во ред, пишува бугарскиот вицепремиер.

Со доза на иронија, Каракачанов ги повикува овие, но и сите останати 120 000 како што вели бугарски државјани на Македонија да го искористат своето право на глас и на претстојните избори во Бугарија да ја поддржат неговата партија, но и да го искористат правото на бесплатна вакцинација против ковид 19 како останатите бугарски граѓани.

ВМРО-ДПМНЕ ги демантираше информациите и излезе со тврдење дека сите партиски функционери имаат само македонско државјанство.

.Лагите кои денес Каракачанов ги лиферуваше на својот Фејсбук профил нема да му помогнат на неговиот пријател Зоран Заев. Заев и неговата Влада не ги спасува ништо од се поизвесниот крај, ниту спиновите, ниту лагите на Каракачанов, велат од партијата.

Дека немаат бугарски пасоши тврдат и Милошоски и Мицевски кои се најдоа на листата на Каракачанов.

Преку писмено соопштение реагираше и Социјалистичката партија на Македонија со став дека нивниот претседател Љупчо Димовски не поседува бугарски пасош.

Обидот да се инсинуираат лица од македонската опозиција, вклучувајќи го и претседателот на СПМ, дека се бугарски граѓани само уште еднаш го покажа моралниот капацитет на овој човек која редовно се служи со невистини и користи груби лаги.

Можеби е подобро тој Бугар да побара меѓу неговите овдешни пријатели и оние кои неговите политики ги премолчуваат или ги поддржуваат, се вели во сооштението на СПМ.

Преку социјалните мрежи и тврдењето на Кракачанов го негираше и претседателот на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ Александар Пандов.