Loading Video...
Балкан
2. November 2020 - 16:34

Каракачанов: Македонскиот јазик е балкански есперанто, нема отстапки од Бугарија

Еден народ до 1944 година, кој сега зборува на некој балкански есперанто. Нова тирада од бугарскиот вицепремиер Каракачанов, во пресрет на усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија наредната недела.

Полтичарите во Скопје се уште мислат дека Бугарија ќе се откаже од националниот интерес, но тоа нема да се случи, дециден бугарскиот министер. Во интервју за националната телевизија Каракачанов порачува – сакаме да запре фалсификувањето на историјата.

“Прво – историјата до 1944 година е заедничка историја на еден народ. Не на два народа, туку на еден народ. Приказните за некаква измешана историја, ќе ми извините но...Ние имаме мешана историја со Отоманската империја, со Византија, со ерменскиот народ. Тоа не е мешана историја, тоа е една историја на еден народ”

Бугарија нема да направи отстапки во име на братските чувства кон Македонија, вели Каракачанов, повторно негирајќи го постоењето на македонскиот јазик.

“Има ли македонски јазик? - Каков македонски јазик? Ние имаме една флексибилна формула. Договорите меѓу Бугарија и Македонија се потпишуваат на официјалните јазици според нивните устави. Тие можат тој јазик кој го нарекуваат македонски, утре да го наречат илирски под притисок на Албанците кои се 30% од населението. Тие можат да го наречат и есперанто, тој јазик всушност е едно балканско есперанто, српски зборови, турски зборови на основа на западнобугарскиот дијалект. Како сакаат можат да го наречат. За науката и за мене, тоа е бугарски јазик, бугарски дијалект”

Каракачанов продолжува - македонската нација е создадена во 1944 година со посебна доктрина “наложена со оган и меч”. Ако потклекнеме сега, тоа ќе ни донесе проблеми утре, вели вицепремиерот, потенцирајќи го главниот страв на официјална Софија.

“Тоа дали ќе потклекнеме на едните или на другите, тоа ќе значи да го внесеш волкот во трлото и утре да си имаме проблем со претензии за македонско малцинство. Утре ќе сакаат населението во ќустендилската и во благоевградската област да го учат измислениот во 1945 година јазик. Тоа е апсурдно”

Барањата на Софија не му припаѓаат на 21-от век и го загрозуваат проширувањето на ЕУ, пишува угледниот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг. Германскиот весник со загриженост гледа на спорот, кометирајќи дека тој мора да биде решен билатерално.

"Во сите шест земји на Западниот Балкан кон бугарската политика се гледа со загриженост: Доколку во иднина сите земји-членки посакаат да им го наметнат својот поглед на историјата на земјите-кандидати, проширувањето ќе стане невозможно, затоа што и меѓу други земји во регионот постојат противречни историски наративи"

Сличен став на социјалните мрежи сподели и шведскиот дипломат Карл Билд.

„Ако некој напредок кон Европската унија на Балканот зависи од една или друга држава која наметнува некаква ’историска вистина‘, можеме да бидеме сигурно дека ништо нема да се случи за следната или дури за следните две генерации“, напиша Билд.

Во меѓувреме, холандската влада даде зелено светло за одржување на првата меѓувладина седница со Македонија, но не и со Албанија, која не ги исполнила условите, јавува албанската „Ора њуз“.

Според телевизијата, холандската Влада предлага преговорите со Тирана да бидат официјализирани во некое друго време. Холанѓаните сметаат дека земјата нема резултати со борбата против корупцијата и организираниот криминал, а не е формиран ниту Уставниот суд.

Одлуката дали на Македонија ќе и биде дозволено отворање на преговорите, ќе ја донесат министрите за надворешни работи на ЕУ на 10 ноември.