Македонија
12. October 2021 - 16:32

Кандидатите ветуваат нови проекти за подобар живот во Скопје

Нови индустриски зони и подобра инфраструктура и пристап до постоечките, кои гравитираат околу главниот град, ветува независната кандидатка Данела Арсовска, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе изгради саем за поддршка на претприемништвото, а ветува и т.н. ино парк, односно технолошки центар за потребите на ИТ секторот.

Кандидатот на СДСМ, пак, Петре Шилегов, кој се бори за втор мандат, во фокусот го стави справувањето со аерозагадувањето.Вели веќе има видливи резултати, но проблемот не се решава со краткорочни мерки, туку само со долгорочни стратегии, како на пример гасификација и отстранување на тешката индустрија од градот.

Кандидатката Ана Петровска од коалицијата „Зелен хуман град“ оствари средба со советничка од Австриската зелена партија во советот на Виена, а најави вмрежување со советници со Зелена агенда низ цела Европа, со цел да ги имплементираат европските искуства за зелен и хуман град.

Кандидатот на Левица, Петар Георгиевски Камиказа вечерва одржува митинг во Домот на АРМ.

Инаку, изборните карвани и вечерва се на различни локации. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Скопје, на плоштадот „Филхармонија“. Коалицијата предводена од СДСМ ќе биде во Кратово, Ранковце и скопски Аеродром. Движењето „Одлучно за промени“, предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП ќе бидат во Ѓорче Петров, а БЕСА во Желино.