Македонија
25. September 2022 - 16:36

Како против енормниот раст на цените? - Партиите ќе подготвуваат закон, граѓаните се снаоѓаат со купување од земјоделците

Македонија нема конкретен закон со кој би се казнувале компаниите кои профитираат во услови на голема криза. Вицепремиерот Битиќи вчера повика пратениците да изготват закон против воено профитерствот, со кој ќе се заштитат граѓаните кои секојдневно се соочуваат со нови шокантни цени на пазарот при купување на основните продукти за живот. Но, ваков предлог нема изготвено ниту Владата ниту  ресорните министерства. Според информациите кои ги добивме од кабинетот на Битиќи повикот е до пратениците бидејќи според него, за овој закон бил  потребен широк консензус. Од опозициската ВМРО ДПМНЕ тврдат дека први ќе гласаат доколку вакво решение влезе во собраниска процедура.

 Додека во јавноста се говори за желби и добри намери, во собранието се уште не е отпочната процедура ниту за предлог законот за заштита на потрошувачи кој министерот за економија го презентираше  уште во јуни. Според овој  нов закон означен со европско знаменце, како што објасни тогаш министерот, ќе се затвараат компании кои работат со нечесни трговски практики. Опозицијата обвинува дека  од непознати причини ниту  овој предлог се уште не е ставен на дневен ред.

Претседателот на комисијата Арбер Адеми вели од оправдани причини не стигнал да го стави на дневен ред, но тврди дека оваа недела веќе ќе се најде пред пратениците на комисијата.

Во меѓувреме  на социјалните мрежи се појави група насловена како земјоделие мк на која главно производители на млечни продукти, нудат производи за двојно пониски цени. Како што пишува и на самата објава целта е да се урне профитерскиот и нечесен бизнис на големите маркети и препродавачи во услови на криза. На оваа страна литар млеко се нуди од 35 до 50 денари,  кило свежо сирење 200  денари, а кило кашкавал оди по цена од 380 денари.