Македонија
17. August 2022 - 16:44

Кајчев: Можеме да бидеме задоволни

Одбранета е честа на бугарската историја. По дозата триуфмализам со кој во бугарската јавност беа проследени текстовите за историските личности и измените во учебниците, задоволство од договореното доаѓа и од бугарскиот дел од историската комисија.

Според членот на Комисијата Кајчев, македонската наука сега ќе мора да ги прифати тезите кои преовладуваат во бугарската историја, барем што се однесува до средновековниот период.

“Тие тези се познати за бугарските граѓани, за бугарската образована јавност, но се многу непознати во македонското општество. Само една мала елита на историчари знае и признава дека сето тоа се случувало во средновековна Бугарија. Свети Климент не паднал од небо. Тој бил испратен во Охрид од кнезот Борис, а по него и Свети Наум, кој бил испратен од Цар Симеон”

Сега се на потег владите во двете земји, констатира бугарскиот историчар, потенцирајќи дека механизмот на вето може повторно да биде активиран доколку не се спроведе договореното.

Токму овој договор, вели Кајчев, го потенцира заедничкото минато на двете земји и дава надеж дека односите може да бидат подобри.

“Можеме да бидеме задоволни, да бидеме радосни што тие текстови кои го привлекоа вниманието и во бугарското и во македонското општество длабоко одговараат на изворите и житијата на Свети Климент и Свети Наум Охридски , но и на другите историски сведоштва. И во таа смисла, ја одбранивме нашата историска чест”

Во интервјуто на бугарската БТВ, Кајчев сепак проценува дека ќе претстои тешка работа во комисијата, од чии резултати во голема мера можат да зависат и односите меѓу Македонија и Бугарија.

А во анкета која ја објави телевизијата, 66 отсто од гледачите оцениле дека односите Скопје – Софија се на крајно незадоволително или незадоволително ниво, додека речиси 70 проценти сметаат дека Бугарија не си ги заштитила националните интереси, односно не ги решила прашањата со говорот на омраза, правата на Бугарите во Македонија и заштита на историската вистина.