Живот
5. April 2016 - 11:17

Кај турист во рачен багаж пронајден човечки череп

За време на безбедносната контола на патниците италијанската погранична полиција на терминал на римскиот аеродром „Фијумичино“ кај германски државјнанин пронашла и запленила човечки череп, објави весникот „Месаџеро“.

Како што се наведува весникот, черепот, на кој му недостасува долна вилица, е пронајден во рачниот багаж на човек кој требало да отпатува за Дизелдорф и кој тврди дека тој му е потребен за „научни истражувања“. 

Средовечниот Германец, кој е универзитетски професор, за време на испрашувањето рекол дека черепот го купил еден ден претходно, кога минувал низ римската улица „Виа Џулија“. 

Тој тврди дека таму „случајно“ го забележал черепот на улична тезга и бидејќи бил добро исчистен и зачуван, се договорил со продавачот и го купил за 50 евра. 

Полицијата го предала черепот во својата лабораторија на дополнително форензичарско испитување со цел да утврди од каде потекнува, а против Германецот е поднесена пријава за илегално поседување на посмртни човечки останки.