Loading Video...
Македонија
8. March 2024 - 16:37

Каде е жената во македонското општество денес?

Од меѓународната социјалистичка конфернеција во 1910. во Копенхаген, преку протестите за „леб и мир“ на зачетокот на Февруарската револуција, до вториот феминистички бран во 60-тите години од минатиот век. 114 години трае женската битка за еднаквост со физички посилниот пол.

Празнувањето на 8 март како празник на жената почнува од Советскиот сојуз, преку комунистичкиот блок за конечно во 1975 година да добие признание од Обединетите нации.

Но, каде е жената во македонското општество денес?

На претстојните претседателски избори по вторпат меѓу најсериозните кандидати е жена. Гордана Силјановска Давкова има сериозна шанса да стане првата претседателка на Македонија. Функцијата „претседател“ иако во македонскиот политички систем е највисока, таа нема голема одлучувачка важност. 

Но, во реалната политика жените доаѓаат до функција главно таму каде треба да се исполнат квоти, како што е Собранието. Во техничката влада на Џафери, на пример, само на функција се само четири жени и 16 мажи.

Но и кога граѓаните избираат директно, нивниот избор главно е маж. На последните локални избори само четири жени станаа градоначалнички.

-Вклученоста на жените во политиката е само заради квотите. Ако тргнеме од тој аспект, можеби ќе биде подобрена позицијата ако воведеме квоти и во останатите позиции во политичкото вклучување на жените. Меѓутоа, мислам дека е многу важно да работиме на подигнување на јавната свест на граѓаните и да дадеме баш она што вие го кажавте, да дадеме до знаење дека жените се еднакво способни како и мажите и дека еднакво може да бидат носители на клучни одлуки во политиката, вели програмската раководителка во ХЕРА, Ева Спасевска.

Податоците велат дека повеќе од половина од жените се невработени, што ги прави економско зависни од своите партнери.

Дури и тие кои заработуваат сами често заработуваат помалку од мажите.

-Родовиот јаз и тек како покрај сите овие ситуации се забележува и во платите. Многу често се соочуваме во ситуации кадешто жени со исто вложен труд, на иста работна позиција земаат пониска плата од своите машки колеги, вели Спасевска.

Според последните податоци, родовиот јаз во плати во Македонија е 20,5%.

Иако законите се децидни и треба да ги штитат правата на работниците и работничките, невладините предупредуваат дека во Македонија се уште има газди на фирми кои не ги почитуваат породилните права.

-Се соочуваме се уште со ситуации кадешто жените неформално се вработуваат и со самото тоа ја губат можноста за основни права како што е правото на платено породилно отсуство. Тука и за жените кои се формално вработени се уште сведочиме на ситуации кадешто истите ги губат работните позиции само затоа што влегуваат во бременост, вели Спасевска.

Денешниот празник иако е репрезент на вековна битка на половина од светското население во пракса, барем кај нас, се сведува на честитки, охрабрувачки зборови, делење цвеќиња и скромни подароци.