Македонија
16. March 2016 - 17:06

Кабинет на Иванов:Комисијата за помилување не се укинува

Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов попладнево преку соопштение, во врска со написи во одредени медиуми дека со одлуката на Уставниот суд се укинува и Комисијата за помилување, информира дека Комисијата не се укинува и е постојано работно тело на Претседателот на Република Македонија.

Комисијата за помилување е формирана во 1991 година врз основа на Одлуката за организација и делокруг на работа на Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

 - Оттука, Комисијата за помилување постоеше и пред донесувањето на измените на Законот за помилување во 2009  и како и досега и понатаму ќе продолжи да функционира како советодавно тело на Претседателот, се наведува во соопштението.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, истакнуваат од Кабинетот, досега не коментирал и нема да коментира одлуки на Уставниот суд.

- Претседателот Иванов, како и досега, така и во иднина, во извршување на оваа негова  уставна ингеренција ќе се води исклучиво според законите, односно одлуките за помилување ќе ги носи согласно постапката и одредбите од Законот за помилување, се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.