Јубилејна 10. Македонска книжевна визита во Софија
Со учество на 12 македонски поети и писатели од сите генерации, од 11. до 13 мај во Софија ќе се одржи јубилејното 10-то издание на „Македонска книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија.
Организатор на оваа веќе традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.
Годинашната „Десетта македонска книжевна визита“ ќе започне со голем поетски митинг во Македонскиот културно-информативен центар во Софија на кој во чест на јубилејната манифестација ќе настапат дваесетина бугарски и македонски поети, меѓу кои - Љубомир Левчев, Радован Павловски, Петар Караангов, Гордана Михаилова Бошнакоска, Никола Инџов, Ристо Василевски, Георги Константинов, Георги Барбаровски, Надја Попова, Милован Стефановски, Кети Бозукова, Данило Коцевски, Роман Кисјов, Бранко Цветкоски, Димитар Христов, Кристина Николовска, Николај Шопов, Иван Џепароски, Поли Муканова, Братислав Ташковски, Вања Савова, Игор Крајчев, Владимир Левчев и Марина Мијаковска.
Втората клучна содржина на Десеттата македонска книжевна визита во Софија, како што соопштуваат од Издавачката куќа „Макавеј“, е книжевниот портрет на современиот македонски поет, филизоф и естетичар Иван Џепароски, за чие творештво ќе говорат македонските писатели Данило Коцевски и Бранко Цветкоски и бугарскиот поет и преведувач Димитар Христов.
Во рамките на вториот програмски ден со панел дискусија ќе биде одбележана и 25-годишнината од потпишувањето на првиот договор за соработка меѓу Сојузот на бугарските писатели и Друштвото на писателите на Македонија.
Традиционално, и на оваа Македонска книжевна визита во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонесол за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен носител на ова признание е преведувачката и писателка Тања Попова, која во својот опус има десетина преведени книги од македонски писатели на бугарски јазик.
Според организаторот, еден од најдрагоцените придонеси на Македонската книжевна визита во Софија е откривањето, поттикнувањето и афирмацијата на нови преведувачи на македонската литература во Бугарија. Во таа смисла наградата „Македонски книжевен Дедал“ која „Макавеј“ ја доделува на секое издание од оваа манифестација придонесува да се оформи во изминатата деценија нова група квалитетни преведувачи (најчесто, истовремено и писатели) кои безрезервно ја согледаа квалитетната и специфична мисија на македонската литература.
Меѓу најголемите нејзини афирматори се угледните современи бугарски писатели и преведувачи: Петар Караангов, Иван Гранитски, Бојан Ангелов, Елка Њаголова, Димитар Христов, Николај Шопов, Роман Кисјов, Здравка Итева, Тања Попова и др. Овие преведувачи, кои се и темелни автори на бугарската литература, заедно придонеле околу 60 дела од македонски автори во изминатата деценија да бидат пласирани и афирмирани на бугарската книжевна сцена.
Ново на Сител
-
Први пратенички прашања на новиот парламентарен состав
-
Собранието е подготвено за уставни измени, но нема да го почне процесот без политички договор
-
МВР поднесе кривична пријава за екс министерката Бисера Костадиновска Стојчевска
-
Подготвен нов закон - издавачките куќи ќе бидат одговорни за печатење и достава на учебници
-
Преглед на вестите од светот
-
Трет ден „Депонијада“ во Кочани
-
Европската комисија го објави Извештајот за напредокот во интеграциите, владата на Мицкоски ветува реформи
-
Тема на денот со Марјан Ристески, заменик министер за економија