Македонија
5. October 2017 - 21:55

Јовановски најави решавање на проблемот со паркирање во Центар, нова градинка, инфраструктура и голема поддршка за „Работнички“

Вашата поддршка е и голема обврска да водиме сметка за вашиот интерес и подобрување на квалитетот на живот. Затоа, пред сите вас, ветувам и гарантирам дека од 15-ти октомври, кога ќе ја добиеме вашата доверба, Центар ќе стане ефикасна општина која ќе служи на граѓаните и на нивните потреби, општина која ќе биде достапна за сите вас, со ефикасни решенија за сите ваши потреби.  Ова вечерва го истакна Дејан Јовановски, кандидатот за градоначалник на Центар од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред сограѓаните говореше за дел од програмата со која ја бара довербата од нив, а решавање на нивните барања и потреби.

-Паркирањето во општина Центар нема повеќе да ви го комплицира животот, поради секојдневната тешкотија да пронајдете паркинг место. Еден од начините со кои ќе го решиме овој проблем е изградба на монтажни паркиралишта, релаксирање на сообраќајот со нови идејни решенија со што ќе се намалат сообраќајните гужви, ќе заштедувате време и воздухот помалку ќе се загадува. Општина Центар мора да покаже вистинска грижа за сите категории на граѓани, особено кон оние кои се соочуваат со поголеми проблеми и предизвици.  Сите јавни објекти кои се во надлежност на општината, ќе добијат пристапни рампи за лицата со посебни потреби,  многу повеќе пешачки зони и изградба на нови паркови и зелени површини. За највозрасните, оние кои граделе и отворале пат пред нас, ќе изградиме комплетно нов пензионерски дом во општина Центар, а ќе изградиме и нови клубови за пензионери, истакна тој.

Јовановски најави изградба на нова градинка во Маџир Маало, нови спортски и детски игралишта. За младите уметници ќе бидат обезбедени посебни локации на кои ќе може да го разубават урбаното јадро на општина Центар.

-Ќе реконструираме фасади на станбени згради, за да ви го олеснат животот и да плаќате помали сметки за загревање на домот , а истовремено ќе се подобри и ликот на општината. Екологијата ни е исто така висок приоритет. Сите рамни кровови на зградите во нашата општина, ќе бидат претворени во зелени оази, ќе придонесат уште повеќе во борбата за поквалитетен воздух и здрава животна средина. 30.000 нови садници се дел од нашата програма и тоа е уште еден начин со кој ќе се бориме упорно за што повеќе зеленило и поквалитетна животна средина во општина Центар. Центар во 21-виот век не смее веќе да биде општина во која се уште има населби без изградена инфраструктура и затоа ќе изградиме целосна инфраструктура во населбите Маџир Маало, Ново Маало и Крњево, рече Јовановски.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Центар најави и силна поддршка за спортот.

-За сите кои со децении ја поддржувале гордоста на Центар, кошаркарскиот клуб Работнички, ќе ја реконструираме и модернизираме спортската сала „Градски Парк“, а клубот ќе добива поддршка од општината за да носи нови победи и радост за Центарци. Но исто така задоволство ми е да ви најавам и дека ќе изградиме нова спортска сала во основното училиште „Кочо Рацин“. Ова се само мал дел од сите проекти на тимот Центар кои имаат за цел да го подобрат вашиот квалитет на живот. Не сум од оние кои се жалат, кои бараат изговори, туку барам решенија, барам реализација, барам ефикасност. Да се ветат проекти значи да се преземе одговорност, да се стои на зборот. Некои велат дека преземањето одговорност не е лесно, јас одговорноста секогаш сум ја понесувал инстинктивно, водејќи се од една единствена мисла. Ние, како држава, да сме подобри од самите себе и од другите. Ние како граѓани, да сме подобри и поуспешни од идејата која сами за себе сме ја изградиле. Ние како општина, ние како луѓе, да сме најдоброто од себе што можеме да го дадеме како залог и како гарант на подобриот ден кој ќе дојде на 15-ти октомври. Јас верувам и верувам во вас, дека сите ние заедно, оваа прекрасна општина, ова срце на главниот град, ќе го направиме подобро место за сите граѓани. Тоа е наша обврска, тоа е наша одговорност. Тоа е нешто што мораме да го направиме, без компромиси, без празни зборови, без нереални ветувања, туку со срце, со одлучност, со знаење и со храброст, да се исправиме достоинствено пред големите предизвици, порача Јовановски пред граѓаните на Центар.

Им вети на центарци дека ќе даде се од себе да го постигне најдобриот резултат кој оваа општина го видела.