Бизнис
1. April 2020 - 14:58

Јовановски: Досегашните мерки се примарно насочени кон зачувување на нископлатените работни места

Откако Владата вчера го објави вториот сет мерки за справување со корона кризата, и по нивното објавување во Службен весник, Стопанската комора на Македонија, ќе направи анкетирање на своите компании членки, исто како што беше случај и со првиот сет мерки, и тогаш ќе може да ги сумира оценките за новите економски мерки, изјави денеска Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања.

– Во моментов можат да се дадат само некои принципиелни согледувања за вчера објавениот втор сет мерки. Јасно е дека неповолните економски случувања поврзани со коронавирус-кризата негативно се одразуваат на буџетот на државата. Оттаму, станува јасно дека во моментов Владата располага со ограничени финансиски ресурси и тоа е факт што влијае на дизајнот на мерките. Имајќи го предвид овој ограничувачки елемент, споредбите со други земји кои имаат поголем финансиски капацитет, тековен или потенцијален, во суштина не помагаат, смета Јовановски.

Според него, во услови на висок степен на неизвесност за тоа што носи иднината во поглед на рестартирањето на економијата и полнењето на буџетот на државата, нашата перцепција е дека Владата се подготвува за креирање на финансиски капацитет што ќе може да ги поддржува економските мерки и во малку подолг временски период. Тој смета дека тоа значи оти всушност се прави распоред на силите и на финансиските средства.

– Ние претпоставуваме дека ова не е последниот сет на мерки и дека ќе следат нови штом државата обезбеди дополнителни финансиски средства по пат на позајмување. Всушност, тогаш и ќе можеме да ја согледаме целината на мерките и неа соодветно да ја оцениме.

Јовановски истакна дека досегашните мерки се примарно насочени кон зачувување на нископлатените работни места.

– Ние очекуваме дека ќе бидат донесени и нови мерки. Доколку тоа не се случи, тогаш товарот од кризата во најголем дел ќе падне на приватниот сектор, оценува главниот советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања.