Балкан
22. јуни 2016 - 8:48

Jоахим Гаук на државна посета на Бугарија

Претседателот на Германија, Јоахим Гаук денеска пристигнува на тридневна државна посета на Бугарија на покана на неговиот бугарски колега Росен Плевнелиев.

Како што јави БТА, главни теми на разговорите се очекува да бидат зголемувањето на бројот германски инвестиции во Бугарија, засилувањето на билатералната трговска размена, развојот на културните врски, како и партнерството меѓу двете држави во ЕУ и НАТО.

Протоколот предвидува состанок меѓу двајцата шефови на држави „во четири очи", на кој ќе бидат разменети и високи државни одличја. Плевнелиев ќе биде удостоен со „Орден за заслуги на Сојузна република Германија", а Гаук со бугарскиот орден „Стара планина". Ќе се одржат и пленарни разговори на официјални делегации, по што ќе следи заедничка прес-конференција.

Во рамките на посетата на Бугарија, Гаук ќе се сретне и со председателката на бугарското Собранието, Цецка Цачева и со премиерот Бојко Борисов.

Утре, Гаук ќе одржи интерактивно предавање во Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски", насловено „Германија - Бугарија - партнери во ЕУ", а потоа заедно со бугарскиот претседател ќе учествуваат на бугарско-германски Бизнис форум во Софија. 

Двајцата претседатели ќе го посетат и Рилскиот манастир.

В петок Плевнелиев и Гаук ќе учествуваат во дискусијата „Лекции од минатото: Сеќавањето на комунизмот; Осмислувањето тоталитарни режими", што ќе се одржи во Централниот воен клуб во Софија.