Македонија
2. September 2018 - 13:16

Јерков: Му честитам на Заев за храброста

Потпретседателката на српската опозициска Демократска партија (ДС) Александра Јерков му честита на премиерот Зоран Заев на, „одговорните, мудри и храбри потези“ за решавањето на повеќедеценискиот спор со Грција.

Александра Јерков која е и пратеничка во српското Собрание, заедно со пратеничката Маја Виденовиќ учествуваа во Скопје на Меѓународната конференција за европската иднина на Македонија, во пресрет на престојниот референдум и европските интеграции и помирувањето во регионот, како и на предизвиците на кои стојат пред балканските држави.

Во соопштението, што го пренесе српската Б 92, Јерков му честитала на Заев и поради тоа што во „ниеден момент не ги изманипулирал граѓаните со нивните чувства и стравот, ниту имал намера да ја избегне одговорноста.“

Таа истакна дека на српските власти, како и во другите балкански земји, им одговара да во регионот постојано егзистираат горливи конфликти кои секој момент можат да ескалираат, бидејќи тоа е средството со кое се собираат ефтини политички поени и граѓаните се доведуваат во заблуда.

Конференцијата во Скопје е организирана од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Лабуристичката партија на Голема Британија, шведската социјалдемократска странка, холандските социјалдемократи, како и од Европскиот форум. На неа учествуваа пратеници и преставници на социјалдемократските партии од 15 држави.