Македонија
22. November 2017 - 18:20

Јавна расправа за идното зонско паркирање во Кавадарци

Јавна расправа за идното зонско паркирање се реализираше денеска во Кавадарци. Целта е, како што рече кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев во изјава за медиумите, подобрување на состојбата со паркирањето во градот. На расправата во организација на општината, меѓу другите беа поканети и координаторите на советничките групи. 

- Веќе од претходно има одлука и потпишан договор за десетгодишна концесија на јавно зонско паркирање. За да се стави во функција тој договор, на иницијатива на општината е оваа расправа околу одредени поединости, пред да биде ставен во функција тој договор. Не сакав самоиницијативно да донесам одлука за едно вакво важно прашање за кавадарчани, нагласи Јанчев.

Додаде дека сето тоа, па и ставањето во функција на семафорите кои претходно беа искршени, е со цел подобрување на сообраќајот во Кавадарци. Информираше дека паралелно се работи на повеќе проекти, а еден од нив е и сообраќајната програма.