Свет
5. November 2017 - 13:14

Јапонско-американскиот самит почна со партија голф

Американскиот претседател Доналд Трамп својата прва азиска турнеја ја започна лежерно со хамбургер од телешко месо и со партија голф.

По пристигнувањето во воената база „Јокота“ во близина на Токио, Трамп замина во еден голф клуб крај јапонскит главен град, каде беше пречекан од премиерот на Јапонија, Шинѕо Абе.

По заедничкиот ручек на Трамп и Абе со јапонскиот голф играч Хидеки Мацујама, тројцата одиграа партија голф на терените на клубот.

Донакд Трамп и Шинѕо Абе

Со партијата голф на девет дупки, Трамп се пофали и на својот Твитер, каде објави и кртко видео од играта. 

- Играв голф со двајца неверојатни луѓе - премиерот Абе и Хидеки Мацујама, напиша Трамп на Твитер.

Трамп и Абе на теренот се појавија со бели капи за голф на кои пишуваше: „Доналд и Шинѕо направете го сојузот уште поголем“, во што многумина пројадоа случност со предизборниот слоган на американскиот претседтаел „Да ја направиме Америка повтрно голема“. 

Донакд Трамп и Шинѕо Абе

„Голф дипломатијата“ ја прокоментира и јапонскиот премиер, кој се заблагодари на клубот „за топлиот прием“.

- Имавме исклучителен дијалог. На теренот за голф можеш навистина да се опуштиш и да ги изнесеш вистинските намери, затоа ние успеавме добро да поразговараме, дури понекогаш во разговорот вклучивме и сериозни прашања, изјави Абе по партијата голф. 

„Голф дипломатијата“ претставуваше вовед во јапонско-американскиот самит, чиј формален дел е предвиден за утре во Токио со официјална средба меѓу Абе и Трамп. Се очекува главна тема на средбата да биде кризата околу Северна Кореја.

Доналд Трамп и Шинѕо Абе

Трамп, кој на посетата е придружуван од сопругата Меланија, вечерва по локално време имаше и вечера со Абе и неговата сопруга Акие. 

Утре по официјалната среба Абе-Трамп, американскиот претседател и неговата сопруга ќе бидат примени од јапонскиот цар Акихито и царицата Митико.

Посетата на Јапонија, Трамп ќе ја заврши во втроник, кога ќе отпатува за Јужна Кореја.

При пристигнувањето во Јапонија, Трамп изјави дека Северна Кореја претставува „голем проблем“ кој треба да биде решен.

Доналд Трамп  Јапонија

Трамп оцени дека во врска со Северна Кореја меѓународната заедница во последниве 25 години покажала „целосна слабост“, па затоа тој проблем ќе заземе важно место во неговите разговори со азиските лидери со кои ќе се сретне за време на турнејата.

Во пресрет на азиската турнеја на САД се огласи и Северна Кореја која го предупреди американскиот претседател да се воздржи од „непормислени забелешки“.

Гласилото на севернокорејската владејачка Работничка партија „Родонг синмун“ оцени дека Трамп е „духовно нестабилен“ и дека неговите забелешки можат да доведат до „нуклеарна катастрофа на територијата на САД“, поради што „Американците сакаат да го сменат од должноста“.