Свет
27. February 2018 - 11:27

Јапонија лансира шпионски сателит поради нуклеарната закана од Северна Кореја

Јапонија денеска во земјината орбита го лансираше својот најнов шпионски сателит, како одговор на зголемената нуклеарна и ракетна закана од Северна Кореја, соопшти владата во Токио. 

Јапонската Агенција за истражување на воздушниот простор во соработка со „Митцубиши Хеви Индустрис“, ја лансираше ракета Х-2А Ф38 со шпионски сателит од Вселенскиот центар Танегашима на јужниот остров Танегашима, на околу 1.000 километри југозападно од Токио. во 13:34 часот по локално време.

Сателитот беше поставен во орбита 20 минути подоцна од закажаното, соопшти агенцијата.

Лансирањето, кое првично беше закажано за неделата, двапати беше одложено поради лошите временски услови.

Јапонија ќе го искористи оптичкиот извидувачки сателит за да ги следи настаните во објектите за лансирање на проектили во Северна Кореја. Јапонија го зголеми бројот на таквите сателити на седум, но планира да оспособи вкупно 10.

Шпионската сателитска програма беше воведена откако проектил од Северна Кореја во 1998 година прелета над Јапонија, преплашувајќи ја јапонската јавност.

Пјонгјанг ги засили своите нуклеарни и ракетни програми под водство на Ким Џонг-ун, спроведувајќи нуклеарен тест во септември и лансирајќи балистички проектили кои ја прелетаа јапонската територија минатата година.