Македонија
22. February 2024 - 16:37

Јани Иванов од Неготино ја дели истата судбина како Леонид Индов

Ќе остане ли надежта за опоравување кај 19 годишниот Јани Иванов од Неготино, кој ја дели истата судбина и патешествие како Леонид Индов. 19 годишното момче кое има параплегија и квадриплегија поради повреда на одмор во 2022 година, во моментот е во центар во Грција каде според неговото семејство има подобрување на состојбата. Но финансиски исцрпените родители имаат пари само за уште еден месец бидејќи од државата не добиле ништо. 

- Месечно плаќаме 7500 евра само за креветот, плус лепенките на Јани за декубитот и катетарот кој месечно чини 360 евра, вели Донка Иванова, мајка на Јани. 

Фондот првично ги одбил, собирале донации а со конзилијарно од Клиниката за рехабилитација во Козле им кажале, овде можностите за лекување се исцрпени...

- Бевме многу загрижени оти Јани беше во многу лоша состојба тука и баравме центри. Они јасно се изјаснија дека тука услови за лекување на вакви пациенти нема, вели Донка. 

Сега им велат вратете се назад, без да им посочат каде и каков ќе биде третманот на Јане. 

 -Се јавивме во Бања Банско, ни рекоа такви пациенти не можеме да примиме, а и не може во базен. А катетарот што го користи Јани во Грција, мажот ми ги помина сите аптеки и ниту виделе ниту знаат за ваков катетар. 

Јани се уште има декубитна рана добиена при престојот на скопските клиники и поради неа не може во базените во Козле. Но може во центарот во Грција каде имаат посебни катетри за такви вежби, вели неговата мајка. 

-  Во Грција има еден, па уште еден, па уште еден апарат и таму е по скалила, прво скалило, второ, трето, а овде е само еден робот. Ние бевме два дена во Козле, видовме какви се условите, немаат никакви услови. Прво, немаат доктори, второ, се заглавивме во лифтот, вели Донка. 

Мајката на Јани ја изгубила работата бидејќи постојано е со синот, таткото е под Фондот а имаат уште едно дете на кое му трерба родителска грижа. Донка вели дека поминале низ пекол, но направиле се за Јани да може сега сам да облече блуза а веруваат во уште поголем напредок. Но се зависи од државата која најитно треба да им помогне финансиски, а не да им ја скратува надежта.