Македонија
24. January 2022 - 16:34

Извештајот од Германија е преведен, Обвинителството најавува соодветна одлука

Тетовските обвинители од денеска го разгледуваат извештајот на германските експерти за тоа што го предизвика пожарот во тетовската монтажна болница.

Извештајот на 7 страници кој беше доставен пред 10 дена на германски јазик е последниот документ кој треба да даде одговори и да ја затвори истрагата за трагедијата во која пред 4 месеци  животот го загубија 14 лица.

По ова од обвинителството најавуваат и кривични пријави.

Надлежните обвинители го разгледуваат извештајот од германските експерти, а наводите ќе биде споредени со другите прибрани докази во предметот. Во предметот обвинителството постапува ажурно и темелно со цел во детали да се утврдат сите факти за несреќата. Во зависност од тоа што ќе биде утврдено, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошно постапување, се вели во соопштението на обвинителството.

Според истрагата на МВР, пожарот во тетовската ковид болница го предизвикал прегреан продолжен кабел на кој биле приклучени апарат за реанимација, полнач за мобилен и уште еден електричен апарат.

Истовремено и обивнитеслтвото за организиран криминал води истрага за тоа како биле градени и тетовската и сите останати монтажни ковид центри низ државата, но и оваа острага тапка во место, обвинителите се уште ја чекаат целокупната документација.