Македонија
15. October 2015 - 12:18

Извештај на Стејт департментот за почитување на верските права

Американскиот Стејт департмент вчера го објави извештајот за почитување на верските права во светот во 2014 година. Во извештајот првенствено се посочува на прогонувањето на христијаните и другите немуслимански заедници во териториите под контрола на Исламската Држава на Блискиот Исток и на Боко Харам во Нигерија, нападите врз еврејските заедници низ светот како и бомбашките напади врз шиитската заедница во Пакистан и репресијата врз муслиманите во Бурма.

Во делот за Македонија, извештајот посочува на насилните протести на група етнички Албанци по објавувањето на пресудата за убиствата кај Смиљковско Езеро пред Велипеток во 2012 година. Извештајот на Стејт департментот одбележува дека Уставот и законите ги штитат верските права и слободи, додека некои од верските заедници посочуваат на фаворизирање на Македонската православна црква од страна на Владата, додека малцинските муслимански заедници не можат да се регистрираат поради влијанието на Исламската верска заедница.

"Во јуни, судот осуди шест етнички Албанци - муслимани за убиството на пет етнички Македонци - христијани во април 2012 близу селото Смиљковци. Судот им изрече доживотни казни затвор за тероризам на шестмина од обвинетите и го ослободи седмиот. Судот утврди дека кривичното дело било насочено против етнички Македонци, и било планирано да биде извршено пред Православниот Велигден, со цел да се предизвикаат етнички тензии. Голем дел од доказниот материјал беше од доверлив карактер, и критичарите на пресудата тврдеа дека обвинението е непоткрепено. Етнички Албанци во Скопје и во други градови насилно протестираа против пресудата, велејќи дека судскиот процес не бил транспарентен и дека судот не обезбедил доволно докази за пресудите", пишува во извештајот. Од своја страна, извештајот забележува, американската амбасада преземала мерки да ги убеди политичките лидери да ги повикаат граѓаните да се воздржат од насилни протести.

За црквата на Јован Вранишковски, самопрогласената Православна охридска архиепископија, извештајот нотира дека е призната само од Српската православна црква, има стотина следбеници во Македонија и се уште очекува пресуда од Европскиот суд за човекови права, кој решава околу тоа дали симболите и името на ПОА се доволно различни од симболите на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија, за да биде признаена како посебен субјект и во Македонија. Извештајот одбележува дека Руската православна црква се ангажирала за ослободување на водачот на ПОА Јован Вранишковски, осуден поради проневера и измама, за кого македонскиот Хелсиншки комитет тврди дека е политички затвореник. Вранишковски беше ослободен во 2015 година.

Во исто време, во извештајот посветен на Србија, е одбележано дека Српската православна црква и понатаму одбива да ги признае Македонската и Црногорската православна црква, и тие остануваат непризнати во Република Србија. Притоа, Романската православна црква има право да дејствува само на територијата на Војводина.

Извештајот на Стејт департментот дополнително одбележува дека во Македонија повремено избивале протести околу изградбата на верски објекти кои се користат за да се одбележи етничка или верска територија во земјата. Како постојан дел од извештајот, нотирано е дека бектешката заедница не може да добие регистрација, ниту пак да располага со својот објект Арабати Баба Теќе во Тетово. Јеховините сведоци исто така не можеле да добијат согласност од општинските власти во Крива Паланка да пренесат имот во нивна сопственост. Прилеп, пишува во извештајот, не дозволува обнова на џамијата уништена во протести за време на конфликтот во 2001 година, а Битола не дозволува изградба на џамија во селото Лажец. Одбележано е и барањето на Исламската верска заедница да им се врати земјиштето на некогашната Бурмали џамија на централниот плоштад во Скопје, на кое се обновува Офицерскиот дом, но дека барањето е одбиено бидејќи законот за денационализација покрива само земјиште одземено од државата по 1945 година.