Свет
12. January 2025 - 10:04

Израелската армија издаде нова наредба за евакуација на централниот дел на Газа


Израел денеска објави нова наредба за евакуација на жителите на Нусејрат во центарот на Газа.

Портпаролот на армијата, Авихаи Адраи, на платформата X рече дека палестинските борци истрелуваат ракети од областа и им нареди на жителите да се евакуираат во таканаречените хуманитарни зони во Ал-Муваси, пренесе Ал Џезира.

„Терористичките организации повторно истрелуваат ракети од областа и покрај неколкуте предупредувања“, објави полковникот Адраи со мапа на делот на Газа каде што е наредена евакуација, јавуваат израелските медиуми.

Според податоците на ОН, 80,5 отсто од оваа палестинска територија е под активна наредба за евакуација.

Покрај тоа, околу 90 отсто од околу 2,3 милиони луѓе се раселени поради израелските напади, многу од нив повеќекратно.

Околу еден милион раселени луѓе живеат во несоодветни импровизирани засолништа во нехигиенски услови во Ал-Маваси. И иако Израел ја прогласи областа за безбедносна зона, таму редовно извршува напади.

Нападите врз Газа продолжија и денеска, откако неколку десетици Палестинци беа убиени вчера, вклучувајќи и еден лекар и осум лица во едно училиште, претворено во засолниште во Џабалија.

Ново на Сител