Свет
17. May 2021 - 8:17

Израел тврди дека Хамас истрелал 3.100 проектили, а соборил 1.210

Од 10 мај палестинските радикали од Појасот Газа врз Израел истрелаа околу 3.100 ракети, а 1.210 се соборени, соопшти денеска израелското Министерство за одбрана.

Од почетокот на ескалацијата на судирите во минатиот понеделник, во Газа се убиени најмалку 148 лица, од кои 41 дете, додека Израел пријави десет мртви, од кои две деца.

„Хамас и Исламски џихад во изминатите седум дена од Газа истрелаа 3.100 ракети. Тоа е најголемото ракетирање со кое Израел се сретнал во својата историја “, се наведува во соопштението, пренесено од Тасс.

Израелското Министерство за одбрана во соопштението додава дека 450 проектили се урнале во Газа, а 1.210 проектили биле пресретнати од системот за противвоздушна одбрана „Железна завеса“.

Поранешниот израелски министер за одбрана, Нафтали Бенет, изјави дека Израел, а не Хамас, ќе одлучи кога ќе ги прекине воените операции. Тој додаде дека „Израел ќе продолжи со своите операции се додека не ја заврши работата“.

Бенет, лидер на десничарската партија Јамина, за Би-Би-Си изјави дека сегашните жртви се директен резултат на одлуката на Хамас да го почне конфликтот.