Loading Video...
Свет
21. February 2021 - 16:36

Израел почна да го враќа животот во нормала откако 4,2 милиони жители ја примија антиковид вакцината

Откако повеќе од 4,2 милиони Израелци ја примија првата доза од антиковид вакцината, власта во Тел Авив почна да ја враќа државата во нормала. Од денеска во Израел се отворени продавниците, трговските центри, музеите и библиотеките. Сепак, само оние кои се вакцинирале или оздравиле од коронавирусот ќе можат да одат во сали за вежбање, на спортски и културни настани, хотели и базени.

Израелскиот лидер Бенџамин Нетанјаху се надева дека вкупно 95% од населението постаро од 50 години ќе биде вакцинирано во рок од две недели. До овој момент во Израел првата доза од вакцината ја примиле безмалку 50% од 9 милионската популација а околу четвртина ги имаат примено и двете дози.

Грција веќе почнала разговори со 10 земји за воведување на вакцинален пасош. Грчкиот министер за туризам во интервју за грчките медиуми потенцира дека вакциналниот пасош ќе биде една од главните алатки со која Грција ќе го отвори својот туристички пазар. Теохарис вели дека во овој момент билатерално се разговара со 10 земји од кои доаѓа и најголемиот прилив на туристи. Меѓу нив од земјите од регионот е само Србија. Сепак, грчките власти велат дека за оние кои нема да имаат примено вакцина влезот во земјата нема да биде забранет но ќе мора да се приложи негативен тест. Инаку денеска, грчката Влада соопшти дека границите остануваат затворени најмалку до 8 март. 

Бројот на жртви во снежното неверме што ги зафати САД се искачи на 70 лица, јавуваат локалните медиуми. Најголем дел од жртвите се од сојузната држава Тексас која е најтешко погодена од невремето. Околу 150.000 потрошувачи и натаму се без снабдување со електрична енергија. Околу 14-те милиони жители на Тексас се соочуваат со проблеми поврзани во снабдувањето со вода, а повеќе од 260.000 од нив воопшто немаат вода за пиење.