Loading Video...
Свет
13. October 2023 - 12:24

Израел ги повика Палестинците да го напуштат градот Газа

Израелската војска им даде рок од 24 часа на Палестинците кои живеат на северот на Газа да ги напуштат своите домови. ОН велат дека станува збор за 1,1 милион луѓе или околу половина од населението на целиот појас Газа. 

Ваквата наредба од израелската војска доаѓа во пресрет на најавената копнена интервенција во овој дел од појасот населен главно со Палестинци. Акцијата ќе биде координирана од воениот кабинет на израелското Собрание кој беше формиран синоќа и во кој ќе членуваат пет министри од новата Влада. Од утрово се распоредуваат дополнителни воени единици во кои има и борбени возила.

Во Тел Авив пристигна и првиот човек на Пентагон, Остин кој треба да оствари средби со премиерот на Израел, Нетањаху и министерот за одбрана Галант. Државниот секретар на САД, Блинкен, пак, денеска има средби со првиот човек на Палестина, Махмут Абаз. За денеска е најавена и посета на Израел од страна на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и првиот човек на ЕП, Роверто Мецола. 

Во меѓувреме Израел доби целосна поддршка и од НАТО. Генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг истакна дека земјата има право да се брани од терористички напади. Хамас пак ги повика Палестинците да не ја напуштаат Газа. Воената организација соопшти дека 13 заложници, меѓу кои има и странци се убиени во израелското гранатирање на појасот. Информираа и дека утрово лансирале 150 ракети кон градот Ашкелон. Бројот на загинати лица на двете страни досега се искачи на над 3000 додека од Газа се раселени повеќе од 430.000 луѓе.