Македонија
8. December 2021 - 16:36

Измените во Законот за здравствена заштита ја враќа дополнителната дејност

На илјадници пациенти во државата ќе нема кој да им пропише терапија, а вработени медицински сестри ќе завршат на улица. Ова ќе се случи во следните неколку месеци кога педесетина матични лекари во државата ќе заминат во пензија и со сегашното законско решение нивната ординација ќе биде затворена. По децениско алармирање од лекарите, решението го има во Измените на законот за здравствена заштита  кое утре е на дневен ред во Собранието. Но што додека биде донесен и стапи на сила? 

 - Во случај на престанок на работен однос на избраниот лекар поради смрт, пензионирање или заминување во странство, лекарот кој е вработен во истата здравствена установа наместо избраниот лекар, продолжува да дава здравствени услуги како избран лекар на пациентите наместо избраниот лекар на кој му престанал работниот однос.“стои во дополнувањето на членот 3. 

- Мои колеги едвај го чекаат законското решение бидејќи ќе мора да затворат и после се одново и бирање матичен и регистрација и добивање факсимил. Сега со предложените измени ова е регулирано и ако замине во пензија или почине продолжува вработениот лекар и нема да има застој во дејноста, вели Лилија Чолакова Дервишова претседател на ЗПЛРМ.

Освен можноста за опстанок на ординациите, законските измени кои ќе се најдат пред пратениците овозможуваат да биде регулирана и дополнителната дејност кај матичните. Ќе можат по работа да продолжат и во друга приватна установа или пак во службите за Брза Помош. 

-Тоа веќе го прават наши колеги во Скопје и дежураат во Брза Помош. Сега добро е тоа да биде регулирано и секако трудот да им биде платен, вели Чолакова. 

Покрај матичните, многу повеќе ќе можат да заработуваат специјалистите од државните здравствени установи кои по работното време можат да продолжат со прегледи или интервенции за што ќе земаат дополнителни пари. 

Со измените на законот за здравствена заштита се овозможува и трансплантации да прават и приватните болници. Дали тоа ќе биде само за пресадување на срце но и процедурите кој како и каде ќе прогласува мозочна смрт останува да објаснат здравствените власти. Инаку и во услови на пандемија на скопските клиники изминатата година беа направени 6 трансплантации на срце и двојно повеќе на бубрези од кадавер.