Македонија
15. May 2022 - 20:03

Изложени 11 графички икони во Прилеп

Во Прилеп беа изложени 11 нови графички икони од збирката од 100-тина вакви дела со непроценлива вредност, кои во 2003 година беа пронајдена во покривната конструкција на црквата Свето Благовештение, при нејзината реконструкција. 

Графиките се од 18 и 19 век, а една потекнува од 17 век. Сега заедно во изложбениот простор има 43 графички икони. 

„Што е суштината на графиката? Кога доаѓаат свештени лица од Света Гора, бидејќи овде преовладуваат светогорските графики, исто имаме и од Виена, Венеција, Москва, Украина и Константинополската печатница, но преовладуваат графиките од Света Гора, тие сакаат да го донесат христијанството што поблиску до народот. Значи народот нема висока писменост и затоа тие мора преку графиките да го описменуваат народот и ја сметнуваат на таков начин Библијата на рамки на обичниот народ“, истакна Мимоза Христоска, виш кустос историчар на уметност.

Графиките ги пронашол Стеванче Тодороски кој во тоа време работел во црквата Свето Благовештение.

„Меѓу тие греди, при самата реконструкција, се најдени графиките. Беа на некој начин испикани помеѓу гредите, дали некој сакал да ги сокрие тука или се работи за нешто друго, тоа не можеме да го кажеме, но најважно од се е дека се најдени и дека треба да се радуваме на ова богатство кое што го имаме “, рече Стеванче Тодороски, пронаоѓачот на графиките.

Се планирало конзервација на уште 40-тина графики, затоа што голем дел од нив биле и многу оштетени.

„На нив се направи комплетна стручна обработка, тоа е целата работа, не беше проблем ние да ги урамиме и да ги изложиме. Требаше да се направи стручна обработка како на претходните 33 графики. И ова ќе претставува една од најголемите збирки на Балканот затоа што ваква збирка верувајте ми нема никаде“, додаде Христоска.

Инаку првата изложба на првите 33 конзервирани графики се случи во Њујорк во 2006 година, а дури потоа беа прикажани во Македонија.