Македонија
17. January 2017 - 8:56

Изложбата за Венециско биенале 2016 „Ничија земја“ од денеска во МСУ

Во Музејот на современата уметност (МСУ) вечер ќе биде отворена изложбата „Ничија земја“ на проектантското биро Стоундизајн-Скопје, која минатата година ја претставуваше Република Македонија на 15. Венециско биенале за архитектура 2016. 

Инсталацијата-објект на архитектите Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски лани беше избрана да ја претставува Македонија во Венеција затоа што, според стручната комисија, се работи за директен одговор на темата на Биеналето „Извештај од фронтот“ и дека со самиот наслов „Ничија земја“ проектот посочува на актуелните миграции од секој аспект. 

- Проектот преку архитектонско-ликовно остварување ја проектира публиката во една субјективна реалност, најавена преку извитоперени и сонливи слики на познати и непознати места... Проектот се надоврзува на миграциската парадигма и нуди архитектонски илузии, односно град за сите... Цениме дека со овој проект достојно ја задираме суштината на зададената тема „Извештај од фронтот“, давајќи одговор на прашањето за припадност и неприпадност, рече кураторот Стојан Павлески минатата година на соопштувањето на одлуката нивниот проект да учествува на Венециското биенале. 

На 15. Венциско биенале, кое се одржа од 28 мај до 27 ноември 2016, националната архитектура ја претставуваа 61 земја, а првпат учествуваа Казахстан, Нигерија, Филипини и Јемен. Селектор на главната архитектонска изложба беше реномираниот архитект Алехандро Аравена од Чиле, добитник на наградата Прицкер, која често се нарекува и Нобелова награда во архитектурата.

Изложбата „Ничија земја“ во Музејот на современата уметност ќе може да се посети до 15 февруари 2017.