Македонија
19. October 2015 - 14:15

Иво Котевски нов директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Од утре директор на Центарот за комуникации на ВМРО - ДПМНЕ ќе биде Иво Котевски, одлучи Извршниот комитет на партијата. На функцијата директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа од досегашната позиција помошник министер за односи со јавност во Министерството за внатрешни работи.

Котевски оваа функција ќе ја преземе од досегашниот директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој ќе продолжи да ја извршува функцијата координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието на Република Македонија.

Како што стои во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски зад себе има богато искуство како новинар и уредник во телевизиите Канал 5 и Телма од 1999 година и новинарската работа ја извршувал се до неговиот ангжман во Министерството за внатрешни работи во 2006 година.

Во писмената изјава Котевски наведува дека од декември 2006-та бил дел од тимот кој квалитативно на повисоко ниво ја подигнал ефикасноста во работењето на МВР и создаде институција за респект, која, подвлекува, не потклекнуваше и не преговараше никогаш кога беа во прашање интересите на Република Македонија.

- Со огромна политичка волја и напор создадовмме транспарентна институција во служба на граѓаните. Во 2006-та постоеше само канцеларија задолжена за односи со јавноста од која во изминативе 9 години на почеток изградивме Одделение кое прерасна во Сектор за конечно да го подигнеме на ниво на Оддел за односи со јавност и стратешки прашања. Системски го уредивме и пристапот до информациите од јавен карактер, а успеавме да ги стандардизираме и процедурите по кои секојдневно постапуваме, а претставуваат репер и повисоко ниво потврдено во сите релевантни истражувања спроведени од меѓународни организации, појаснува Котевски.

Тој потенцира дека ги вложил целосно неговите капацитети и се трудел постојано да биде достапен за медиумите, за граѓаните и за колегите. 

- Сега се соочувам со нов предизвик. Мојот личен став е дека претстои турбулентен период во кој ценам дека интересите на граѓаните и на државата ќе може најдобро да ги одбранам на политички план. На политичко поле ќе се води новата битка за иднината на Македонија. Во моменти на реални закани за уривање на системот, државноста и се што е изградено години наназад само заради обид за ситно политичко профитерство, благодарен сум на довербата која ми е укажана и можноста која ми е понудена, вели Котевски.

Како директор на Центарот за комуникации, истакнува, ќе го вложи својот максимум и ќе се труди што е можно повеќе да ги објасни политичките позиции за да не остане ниту најмала дилема кај граѓаните околу драстичните разлики во концептите кои им се нудат.

- Убеден сум дека граѓаните на престојните избори ќе ја препознаат вистинската опција на која интересите на Македонија и' се приоритет над приоритетите, потенцира Котевски.