Македонија
28. May 2016 - 14:46

Иванов на состанок на „Брдо-Бриони Процесот“ и на „Самит 100“ во Сараево

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска и утре ќе учествува на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот“ и на регионалната бизнис иницијатива „Самит 100“, што се одржува во Сараево.
 
На денешната иницијатива „Самит 100“, насловена „Нов договор за ново време“,  претседателот Иванов во своето излагање, јави известувачот на МИА, ќе се осврне на неопходноста и важноста од зголемена регионална соработка во сите сфери од заеднички интерес, како предуслов за попросперитетен, побезбеден и поуспешен регион кој мора да се интегрира во евроатланските структури.
 
Исто така, македонскиот претседател ќе потсети дека е потребно што поскоро декларативноста да се преточи во конкретна акција со преземање конкретни чекори кои водат до стабилен Балкан. Тоа, според претседателот Иванов, подразбира зголемена соработка во безбедноста, инфраструктурата, економијата, бизнисот, енергетските проекти. Довербата која недостига во нашиот регион, смета тој, може да се зголеми само преку максимална соработка.
 
Во тој контекст, шефот на македонската држава ќе предупреди дека секогаш кризата е и шанса и доколку се пропушти оваа прилика се ризикува останатите региони да продолжат напред, а нашиот да стои во место или дури да назадува. Ќе потенцира дека неповолниот глобален контекст, големиот број кризи и предизвици неповолно влијаат и на нашиот регион и затоа смета дека во хаотични услови регионот треба да се сврти кон себе.
 
Воедно, претседателот Иванов ќе истакне дека „Самит 100“ е одлична можност за претседателите на државите од регионот да ги слушнат потребите и очекувањата од бизнис лидерите, претприемачи и стопанственици од цела Југоисточна Европа, бидејќи смета дека синергијата меѓу бизнис-заедниците и државите е особено неопходна денес. За таа цел тој ќе ја истакне улогата на бизнис-соработката, како придонес кон успехот за целиот регион.
 
Претседателот Иванов ќе упати покана до присутните на самитот наредната година да бидат во Македонија, бидејќи тогаш нашата држава ќе биде домаќин на Брдо-Бриони процесот.
 
На регионалниот „Самит 100“, покрај шефот на македонската држава, ќе учествуваат и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар- Китаровиќ,  на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишани и на Косово Хашим Тачи.
 
На „Самитот ќе учествуваат и бизнис лидерите и истакнати претприемачи и стопанственици од Југоисточна Европа, а главни теми на дискусија ќе бидат одржливото снабдување со енергија, моделот на циркуларна економија, брендирање на регионот, транспорт и инфраструктура, создавање работна сила на иднината и кластер на автомобилската индустрија. Од Македонија се присутни компаниите Алкалоид, Тиквеш и Стопанска банка Битола.
 
На „Самит 100“, претседателот Иванов ќе биде придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.
 
Овој Самит  во 2011 година заеднички е инициран од Хрватска, Србија и Словенија со цел на едно место да се претстави добрата бизнис пракса и истовремено да зајакне соработката која би отворила простор за нови развојни проекти и инвестиции во регионот.
 
На утрешниот состанок на „Брдо-Бриони Процесот“, пак, покрај лидерите на државите од регионот,  специјален гостин ќе биде претседателот на Италија, Серџо Матарела.
 
На состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот“ во Сараево, претседателите ќе разговараат за актуелните состојби во регионот, евроинтеграциите и проширувањето на Европската унија, како и за унапредување на регионалната соработка.