Иванов ги прими акредитивите на амбасадорите на Унгарија, Италија и Мексико
Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Унгарија, Италија и на Соединетите Мексикански Држави во Република Македонија.
- Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Унгарија во Македонија Иштван Ласло Дукс, претседателот Иванов ги истакнал одличните односи кои ги карактеризира искрено пријателство и заемна поддршка и почит. Иванов изразил надеж дека во наредниот период ќе се продлабочи започнатата активна соработка во повеќе сфери, особено во економската.
- Верувам дека мерките и активностите што ги преземаат македонската и унгарската влада за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима во своите земји, ќе придонесат за поплодотворна соработка и на ова поле, истакнал македонскиот претседател.
Заблагодарувајќи се за сета досегашна конзистентна и отворена поддршка која Унгарија и ја дава на нашата земја, во однос на нејзините евроатлански аспирации и во справувањето со последиците од бегалската и мигрантската криза, претседателот Иванов изразил надеж дека таа ќе продолжи и во иднина.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република во Македонија Карло Ромео, македонскиот претседател изразил задоволство од успешниот развој на билатералните односи и на соработката во разни области од заемен интерес меѓу двете држави. Иванов истакнал дека има простор за дополнително продлабочување на соработката што ќе придонесе за збогатување на пријателските односи.
Претседателот Иванов упатил благодарност за сета досегашна поддршка од Италијанската Република за реализација на европската и евроатланската перспектива на Република Македонија.
- Република Македонија заслужува да ги отпочне преговорите за пристапување во Европската унија и да ја добие поканата за членство во НАТО без натамошно одложување. Досегашниот пристап и од Унијата и од Алијансата, предолгиот статус кво во интеграциите, не само што не вроди со резултат, напротив имаше значаен негативен ефект во вкупните состојби во Република Македонија. Во време на сериозни предизвици како за Европа, така и за нашиот регион и за Република Македонија, крајно време е за промена на пристапот, а ние, подготвени сме да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа, порача претседателот Иванов.
Амбасадорот Ромео изразил уверување дека во наредниот период ќе се зацврстат уште повеќе длабоките врски кои ги обединуваат двете земји, особено преку конкретни сугестии и предлози на Самитот на Процесот за земјите од Западен Балкан во 2017 година, кога ќе почне италијанското претседателство.
- Убеден сум дека и покрај географската оддалеченост меѓу нашите земји, постои заедничка желба и голем потенцијал уште посеопфатно да ги развиваме меѓусебните односи и соработката за доброто на нашите народи, истакнал претседателот Иванов на средбата со Марко Антонио Гарсија Бланко, новоименуваниот амбасадор на Соединетите Мексикански Држави за Република Македонија, со седиште во Белград.
Македонскиот претседател изразил уверување дека пред двете земји кои имаат исклучително големо културно и историско наследство, претстојат можности за интензивирање и унапредување на соработката преку изнаоѓање нови содржини во повеќе области од заемен интерес.
Новоименуваниот амбасадор Бланко ја истакнал подготвеноста за зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји, особено преку јакнење на политичкиот дијалог, инвестициите и стратешките партнерства.
Ново на Сител
-
Гаши: 2025-та ни нуди можност да работиме за поправедна и поразвиена држава, во која сите живеат достоинствено и просперитетно
-
Сиљановска-Давкова: 2025-та да биде година на успеси, стабилност, радости и остварени соништа
-
Секој граѓанин лани создал по 503 килограми комунален отпад, најмногу се рециклира хартија и метал, а само половина од пластичниот отпад
-
Бесплатен паркинг во центар за новогодишните и божиќните празници
-
Мицкоски: 2025-та ќе биде година на надеж, оптимизам, успеси и многу работа
-
Годинава увезени повеќе автомобили, и нови и половни
-
Зимски распуст за учениците, второто полугодие од 20 јанаури
-
Филипче: 2025-та нека биде година на победи, нови надежи и посветена работа