Свет
3. February 2017 - 8:46

Истрагата на Трамп за „изборните манипулации” предизвикува страв

Ал Џезира - Доха

Аналитичарите очекуваат дека плановите на новиот американски претседател Доналд Трамп да се истражи наводната измама со гласовите во текот на изборите во 2016 година можат да отворат пат за воведување на построги правила за гласање. Поединци велат дека ова може да биде знак на републиканската поддршка за промена на законите, што би можело да создаде нови пречки при гласањето. 

Најавувајќи „голема истрага” за малверзациите на изборите, Трамп во средата рече дека истрагата ќе ги опфати „тие кои се регистрирани да гласаат во двете сојузни држави, тие кои се илегалци и тие кои се регистрирани за гласање, а одамна се мртви”. Според групите за граѓански права, тврдењата на Трамп дека милиони луѓе гласале на незаконски начин во ноември можат да најават остар пресврт на Мин. за правда и да резултира со оспорување на изборната легислатива која ги дискриминира малцинствата на ниво на држава.

Неколку часа по инаугурацијата на Трамп на 20 јануари владините адвокати побараа одложување на сесијата за сослушување на која требало да се утврди дали „Законот за идентификација на гласачите во Тексас, содржи елементи на намерна дискриминација”. Адвокатите велат дека побарале одложување поради „промената на американската администрација”.

Ограничување во сојузните држави

Новите напори на Конгресот на поле на ограничување на процесот на гласање, кој е под републиканска контрола, можат да го вклучат условот за поседување на посебен документ за идентификација за гласачите. Исто така, може да се бара некоја форма за потврда на државјанство, да се иницира нова кампања за проверка и исклучување од гласачките листи или дури да се ограничат напорите на самата регистрација на гласачите, тврдат бранителите на гласачките права.

Голем број држави даваат можност на тие кои сакаат да гласаат да потпишат изјава во која потврдуваат дека се државјани. Дури 32 американски сојузни држави бараат некоја форма за идентификација на гласачкото место.

Наспроти тоа што Трамп ги освои електорските гласови, потребни да обезбеди победа на претседателските избори, изгуби речиси три милиони гласови кои ги освои демократската кандидатка Хилари Клинтон. За таквиот резултат обвини милиони гласачи кои го дале гласот на неговата противкандидатка мимо законските дозволени рамки.

По изборите во 2012 година поставени се нови ограничувања во врска со гласањето во 17 сојузни држави каде власта ја имаат републиканците. Организациите за заштита на граѓанските права велат дека законите во некои држави паднале на судовите затоа што биле насочени против сиромашните и гласачите од малцинските групи, кои повеќе ги поддржуваат демократите.

Националната асоцијација на секретаријатите на сојузните држави, која претставува функционери задолжени за изборите во сите 50 држави, вклучувајќи и многу републиканци, не се согласуваат со тврдењата на Трамп поврзани за изборна измама.

Републиканецот Џон Мерил, државен секретар на Алабама, смета дека најдобро е да се пушти истрагата да покаже дали имало манипулации во текот на изборите кога станува збор за локалните власти во сојузните држави, сметајќи дека нема потреба сојузната влада воопшто да се меша во овие прашања.

Каде е проблемот и колку е длабок

Од друга страна, портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер рече за новинарите дека истрагата за малверзациите со гласовите со свој широк опсег ќе ги дефинира проблемите пред да се предложат решенија. Додава дека „мора да сфатиме каде е проблемот и колку е длабок, а потоа да предложиме модели за решенија”.

Адвокатите на предизборната кампања на Трамп се спротивставија на напорите за повторно пребројување на гласовите и тоа во неколку држави, врз основ на барањата на кандидатката од Партијата на зелените Џил Стеин. Републиканските изборни активисти тврдат дека „според сите достапни докази, на изборите во 2016 година немало никакви измами или грешки”. Спајсер рече дека таа кампања зборувала само за т.н. swing (неодлучни) држави, во кои борбата била жестока, но не за Калифорнија и Њујорк каде Хилари Клинтон освои поголем број гласови. „Не обрнавме посебно внимание на тие две држави” – рече Спајсер на новинарите.