Свет
8. January 2020 - 16:59

Иран ги нападна базите на САД во Ирак, сојузничките сили навреме го добиле предупредувањето

Брз, воен одговор на Иран за убиството на генералот Солејмани. Американската војска сместена во соседен Ирак, цел на напад извршен од Иранската револуционерна гарда.

Вознемирени гласови најавуваат еден од десетината балистички проектили истрелани од иранска територија кои паднаа во две бази во Ирак, дом на американскиот контингент војници во земјата.

Ракетниот напад наиде на масовно одобрување во иранските градови.

Нападот почнал околу еден часот и 45 минути по локално време, а засега нема официјална потврда за загинати лица.

САД биле алармирани за евентуален напад. Нешто повеќе од еден час пред да паднат првите ракети, ирачките власти биле известени од Иран дека ќе следува напад врз нивна територија, а мета ќе бидат американските војници во земјата.

Врховниот лидер на Иран изјави дека неговата земја синоќа го преземала првиот чекор кон одмазда за убиството на најмоќниот ирански командант.

“Ноќеска добија шлаканица во лице. Воената акција не е доволна. Она што е важно е дека корумпираното присуство на Соединетите Држави во регионот треба да прекине“

Реагираше и претседателот Трамп.

„Се е добро! Ракети се истрелани од Иран врз две воени бази во Ирак. Сега се извршува проценка на жртви и штети. Досега, е добро! Имаме најмоќна и добро опремена војска насекаде во светот“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер.

Иранскиот напад врз американските бази го загрижи светот. Генералниот секретар на НАТО Столтенберг ги осуди нападите и најави дека воената алијанса ќе остане посветена на мисијата во Ирак.

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен повика на разум и на враќање на Иран кон нуклеарниот договор, додека британскиот премиер Борис Џонсон го предупреди Техеран да не го повторува, како што рече, невнимателниот и опасен напад.

Шефот на француската дипломатија, пак, ги осуди нападите извршени од Иран и посочи дека сега е најважно судирот да не ескалира.