Инженери предупредуваат: Владата озаконува фактурирање на сметки за струја со неотчитани броила
Озаконето фактурирање на сметките за струја без претходно читање на броилата. Владата предлага контроверзни одредби во предлог-законот за енергетика, алармира Здружението Инженери на Република Македонија.
Машинскиот инженер, Дениз Мустафаоглу појаснува дека паушално наплаќање на сметките речиси секогаш е на штета на потрошувачите, особено откако беа воведени блоковите.
- Досега практиката на ЕВН дистрибуција била да на некои места кадешто не може да пристапи или не ги нашле домаќините тие предвидуваат потрошувачка на струјата и таква ја фактурираат.
Меѓутоа, предвидувањето и потоа отчитувањето на состојбите неретко доведува во ситуација да се влегува во повисок пресметковен блок, или да се биде во понизок пресметковен блок, а потоа со израмнувањето да се влезе во повисок пресметковен блок. Тие разлики фактички доведуваат до тоа граѓаните да плаќаат поскапи сметки, а да не ни знаат за тоа, вели Мустафаоглу.
Ова најчесто се случува во зимските месеци, кога се воведува нова пресметка на цената на струјата, како што беше на крајот на минатата и почетокот на оваа година кога голем број се жалеа дека добиле многу повисоки сметки од вообичаено. Тогаш околу 15.000 домаќинства ги обжалија своите сметки, а ЕВН изврши корекција на фактурите на околу 15% од барањата.
Инженерите направиле груба пресметка според која, домаќинствата кои се оштетени, а не поднесуваат жалба, годишно плаќаат околу 8.000 денари повеќе отколку што треба.
- Ние направивме некаква груба пресметка за тие 15% во случај кога се нарушува, со таквото пресметување, само во првите два блока, кога се влегува од првиот во вториот и од вториот во третиот блок. И на 15% од тие граѓани, направивме статистичка грешка, на пример од 10%. Дојдовме до заклучок дека таквите аномалии предвидуваат дополнителни приход од 2 милиони евра на ЕВН. Приход којшто можеби Регулаторната комисија го зема предвид и го враќа назад кај сите потрошувачи, меѓутоа, поедини потрошувачи се оштетени со таквите пресметки. Мислиме дека тоа е нефер и недозволено со европските регулативи, вели Мустафаоглу.
Од Министерството за енергетика се запознаени со реакциите на Инженерите, но велат дополнително ќе ги разгледаат.
- Министерството ги следи сите реакции поврзани со предлог-законот за енергетика. Сите сугестии, вклучително и оние од стручната фела ќе бидат разгледани во текот на законската процедура, велат од Министерството за енергетика.
Се обидовме да добиеме став и од првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика. Меѓутоа, Марко Бислимовски ни кажа дека не би коментирал нешто во постапка на менување на правилата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар