Македонија
26. јуни 2022 - 8:39

Интервенции по невремето во Македонска Каменица

Во Македонска Каменица во текот на денешниот ден ќе продолжат активностите за расчистување на патиштата во руралните средини откако невреме вчера во вeчерните часови зафати делови од Македонска Каменица.

-Веднаш по невремето кое ја зафати Македонска Каменица, екипи на ЈП Камена Река излегоа на терен расчистувајќи ги настанатите штети. Тие работеа и на повторно оспособување на двете коловозни ленти кон Рудник Саса, а во најголем дел ги санираа штетите и во централното градско подрачје, информираа од Општината.

За техничка интервенција во село Косевица, информираше и Малин Трајчевски командир на Територијалната противпожарна единица од Македонска Каменица, која интервенираше на отстранување на паднато дрво кое предизвика штети врз паркиран автомобил.

Оштетени кровните конструкции на мал број трговски објекти и неколку искршени гранки долж градскиот кеј на Каменичка Река беа регистрирани како видливи оштетувања од невремето во градската средина во М.Каменица.