Македонија
21. јуни 2017 - 12:26

Интернационален кулинарски натпревар „ГастроМак 2017“ во октомври во Струмица

Преку 200 учесници, готвачи, судии и почесни гости ќе присуствуваат на претстојниот Интернационален кулинарски натпревар „ГастроМак 2017“ што ќе се одржи од 25 до 28 октомври во Струмица, под мотото „Залче од светските вкусови во Македонија“.

Како што најави денеска на прес-конференција претседателката на „ГастроМак“ Адријана Алачки, настанот не е фокусиран само на гастрономијата, туку има поширок општествен контекст, а тенденцијата е да прерасне во традиционална ревија на мајсторите и шефовите на кујните од светот.

- Оваа година манифестацијата ќе ја подигнеме на уште повисоко ниво, ќе го донесеме светскиот крем на гастрономијата во Македонија. Ќе бидеме почестени, како почесни гости и стручно жири да ги имаме неколкуте великани на светската гастрономија како Томас Гуглер, претседател на Светската асоцијација на шефови на кујни, Јалчин Манев, првиот човек на TASSED и Александар Прокопович, гастрономскиот гуру од Русија, рече Алачки.

Организациски, додаде, манифестацијата е речиси подготвена. Предвидено е освен натпреварувачки дел, да се одржуваат и мастер класови со познати светски готвачи, а ќе има и факултативни програми.

Според заменик-претседателот на „ГастроМак“ Љупчо Гиевски, натпреварувањето ќе биде во неколку категории: риба, пилешко и јагнешко месо, македонска и модерна кујна, десерти,...

- Не само да го поддржиме кулинарството и да и го дадеме вистинското значење на гастрономијата, туку и да му ја доближиме на светот македонската кујна е нашата основна цел, нагласи Бесим Љатифи, еден од основачите на „ГастроМак“.

Годинашниот Меѓународен кулинарски натпревар во Струмица е втор по оној во Скопје што се одржа лани.