Бизнис
20. July 2022 - 16:37

Институциите во проверка дали трговците складираат огревно дрво и пелети за да продаваат поскапо

Дрва и пелети има, но трговците не ги продаваат за вештачки да ја зголемат цената. Ова е ставот на вицепремиерот Битиќи, кој ги повика инспекциите да излезат на терен и да ја проверат состојбата. По реакцијата на граѓаните, дека се двојно поскапи, но и да сакаат да купат - нема од каде – од Владата велат – енергенси за претстојната зима мора да има.

-Ние уште денеска ќе го повикаме инспекторатот да излезе на терен и да потврди дали се вистинити ваквите изјави. Јас сметам дека трговците имаат залихи, но вештачки се прави ваква паника, за шпекулативно да се зголемат цените. Исто како кај храната. Да имавме закон за профитерство, лесно ќе реагиравме, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Европа денеска  го претстави планот – од 1 август сите земји членки  да ја намалат потрошувачката на гас за 15%. Ставуваат од целосно запирање на испораката од страна на Русија. Со планот, доколку биде прифатен крајот на месецот, се очекува да се обезбеди  доволна количина за снабдување на домаќинставата, болниците и клучните индустрии со овој енергенс. Македонската влада пак, се уште нема план за справување со енергетската криза, освен препорака, струјата да се штеди.

-Имаме дефинирана цена на струјата, имаме еден сегмент осигуран, сите граѓани ќе имаат струја. Другите мерки – на ниво на апел на јавните институции ќе добијат  насоки. Некои министества ќе инвестираат во обновливи извори, додаде Битиќи.

Парно греење за скопјани ќе има. Деновиве ќе биде објавен тендерот кој да го преземе управувањето со БЕГ, а ќе се бараат пари и за новите мерки за помош на граѓаните. Откако се изгласа ребалансот,  сега Владата го подготвува теренот за издавање еврообврзница и барање заеми, но со камата до 7,5%.