Македонија
9. November 2017 - 13:01

Инсталација на постер-фотографии во Битола „Бегалец сега – човек секогаш“

Со инсталација на постер-фотографии денеска во Битола почнаа активностите на проектот „Бегалец сега – човек секогаш“.

Проектот е на претставништвото на УНХЦР, Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации во Скопје, а го спроведуваат Центарот за човекови права и разрешување конфликти во соработка со Центарот за истражување, образование и развој – Центар РЕД од Скопје.

Проектот има за цел подигнување на свеста на јавноста за бегалците, нивните права и потреби. Инсталацијата во јавен простор која се состои од неколку различни елементи поставени на плоштадот „Магнолија“ во Битола, ќе биде изложена три дена, од 9 до 11 ноември до кога граѓаните ќе можат да ги посетат поставките секој ден од 10 до 16 часот.

Во рамки на проектот се спроведува и обука на млади невработени лица селектирани преку локалните младински здруженија во наведените градови. Обуката е на повеќе теми, односно човекови права, дискриминација и права на бегалците. Дел од нив по обуката ќе бидат платено ангажирани во проектните активности и со тоа ќе имаат можност да стекнат работно искуство и да ги збогатат своите биографии. Со тоа се продолжува праксата на УНХЦР при помагањето на бегалците во земјава да се вработува локалното население, што е веќе принцип на работа во прифатните центри Винојуг и Табановце.