Македонија
14. September 2021 - 16:43

Инспекторите на ДСЗИ не затекнале роднини при увидот во модуларните болници

Инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат не затекнале цивили на лице место во ковид центрите во државата по направените вонредни надзори изминатите денови. Во неделата цел на ненајавена контрола била тетовската болница по објавите и сведоштвата на социјалните мрежи дека членови на семејства и по трагедијата од осми семптември и понатаму се грижат за болните од корона. Контроли биле направени и во 12 модуларни објекти, но немало отстапки од протоколите.

- ДСЗИ може да реагира со своите правни механизми само ако има отстапки во моментот на надзор и се затекнат цивили однадвор. Не се затекнати такви лица во ковид центерите во кои посетите се забранети, вели др. Ирина Бухова Сотирова директор на ДСЗИ.

Директорката на ДСЗИ повика да се работи на едукација кај населението дека во установи каде има забрана за посети тоа мора доследно да се почитува.

-Тој што е таму е потенцијален пациент и потенцијален преносител на заразата. Мора да се почитуваат одредбите, вели Бухова.

И пред трагедијата до инспекторатот имало анонимни пријави за недозволено присуство на цивилни лица во ковид центрите. Инспекторите иако биле на терен и разгворале со раководителите во тие објекти, не затекнале посетители.

Во делот на истрагата од Обвинителството се уште не побарале вклучување и на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Во несреќата загинаа 14 пациенти а 12 кои беа спасени од пожарот го продолжија лекувањето во тетовската болница. Денеска седум од нив излекувани од ковид заминале дома.