Македонија
4. January 2021 - 16:44

Имало ли пропусти во противпожарниот систем на Глобал?

Почна увидот во опожарениот дел на трговскиот центар Глобал. Тим на струмичкото јавно Обвинителство заедно со полицијата и инспектори од дирекцијата за заштита и спасување започнаа да го истражуваат опожарениот простор и да бараат  докази кои треба да помогнат во откривањето на причината за  големиот пожар. Во тимот се вклучени и вешти лица од Скопје. Според она што можеше да се види на терен, детално и посебно се проверува секој дуќан. До кога ќе трае увидот информации нема, ниту пак е познато дали има некакви првични сознанија кои може да укажат на евентуалната причина.

Од опозицијата бараат одговорност, но и одговори дали хидрантите во објектот биле исправни и соодветни.
,,Како е возможно објект со кој што стопанисува ЈП Комуналец Струмица, да нема исправни хидранти, односно дали е точно и дали е возможно тие да се несоодветни и да се нестандардни за употреба при пожар?
Второ, ако законски сите правни субјекти се должни еднаш годишно да ги баждарат, да ги проверуваат Противпожарните апарати, како е возможно и кој треба да ја понесе одговорноста за тоа што во објектот се вградени несоодветни хидранти, дали и кога тие се проверени?,, рече Наум Стоилковски - портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
 
Со пожарот во Глобал  зафатени се  дваесетина дуќани и голем број на тезги од градскиот пазар при што е направена голема материјална штета. Според најавите,  расчистувањето треба да започне откако ке заврши увидот.Помош за враќање во нормала на објектот вчера најавија и централната и локалната власт.