Македонија
25. јуни 2022 - 16:32

Има ли кај младите интерес за учествување во акции како пред 40 години?

Работните акции од пред 4 децении имаа огромно влијание врз младите и нивните обврски кон животот, велат акцијашите кои се собраа од неколку градови во Битола за да одбележат 40 години од сојузната работна акција „Пат на младоста 1982“ во организација на здружението на волонтери – акцијаши „Волонтери – Пелистер“ – Битола. Во тоа време многу беше лесно да се биде командант зашто секој ја исполнуваше својата обврска, рече тогашниот командант на сојузната работна акција „Пат на младоста 1982“. Вели, на една акција имаше и по 1000 луѓе кои работеа на иградбата на патниот правец Прилеп-Битола-Ресен.

-Имаше други вредности кои се практикуваа за разлика од денес. Битола од 70-те до половината на 80-те години го има најголемиот економски развој, изграден е РЕК, битолската болница, хиодросистемот Стрежево и патот Ресен – Битола Прилеп, вели Мишко Гелевски, командант на Пат на младоста 1982.

Кире Марков учествувал на 27 акции. Вели дека сега кај младите нема никакво ангажирање.

- Во тоа време да бидеш бригадир беше голема чест за една млада личност. Кога ќе направиш нешто и кога ќе погледнеш дека си направил нешто за век, тоа е многу убаво, вели Кире Марков, долгогодишен акцијаш.

Токму затоа здруженијата на акцијаши низ цела држава, работат на привлекување на младите.

-Младоте не се многу заинтересорани за акцијаштво, но се надевам дека со текот на времето повеќе млади ќе се приклучат, вели Игор Јосифовски, млад акцијаш.

Работната акција „Пат на младоста“ за изградба на патот Прилеп Битола Ресен траеше 3 години.