Македонија
1. October 2019 - 16:01

Илден: Ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО тече без пречки

Лично бев сведок на Самитот во Букурешт и оттогаш членството во НАТО ми стоеше како незавршена работа. Навистина ми е мило што сега можам да посведочам за позитивни случувања во таа насока, рече Таџан Илден помошник генерален секретар за јавна дипломатија на НАТО на дебатата насловена „Западен Балкан: Напуштајќи ги ривалствата и несигурноста“ во рамки на Самитот на „Економист“ што се одржува во Скопје, осврнувајќи се на очекуваното членство на Северна Македонија во Алијансата.

Според него, Северна Македонија започна едно неверојатно патување кон европската и трансатланстката интеграција, кое го одбележа и храброста и ангажамот да се реши прашањето со името кое долги време ве задржуваше во напредокот, а НАТО исто така си го одржа зборот и ветувањата дадени во Букурешт беа испочитувани.

– Со задоволство го очекуваме завршувањето на процесот на пристапување на РСМ и мислам дека навистина имаме направено добар напредок. Дваесет и две држави членки од 29 веќе го ратификуваа Протоколот за пристапување во НАТО. Штом сите држави ќе го ратификуваат и ќе го достават инструментот за ратификација тогаш процесот ќе биде завршен и ќе и посакаме добвредојде на Северна Македонија како 30-та земја членка на Алијансата. Ова е многу важно да видиме дека НАТО има политика на отворени врати и дека таа навистина се применува во пракса. Важно е и што тоа ќе се случи на 70-та годишнина и што и по 70 години привлекува внимание на многу држави кои сакаат да се придружат со тоа што придонесуваат за нашата колективна безбедност и одбрана, но имаат и придобивки од тоа, вели Илден.

Процесот на ратификација на Протоколот за членство во НАТО, според Илден, тече без пречки, но во зависност од политичките збиднувања во одредени држави, тоа може да доведе само до календарско поместување во однос на приемот во членство.

Во однос на регионот на Западен Балкан, тој рече дека може да се опише како предел кој навистина се менува, меѓутоа, се уште има работа која што треба да се заврши за да бидеме сигурни дека позитивните промени не може да се вратат назад и дека регионот ќе го фокусира целото свое внимание на просперитет и на развој, а не да живее во страв од конфликт. – НАТО и државите членки ќе продолжат да придонесуваат за оваа цел, порача помошник генералниот секретар за јавна дипломатија на НАТО, Илден.