Спорт плус
29. August 2015 - 9:14

Иџе: Титулата е поважна од победата на оваа трка

 
Во пресрет на претпоследната трка од Европскиот шампионат на ридски патеки во Илирска Бистрица (Словенија), македонскиот автомобилистички ас, Игор Стефановски-Иџе го дели само еден бод од одбрана на титулата во категорија 1. Доколу утре успее да испише уште една златна страница во својата биографија и во историјата на македонскиот спорт, Иџе ќе биде првиот возач по пауза од девет години на кого му успеало две сезони по ред да биде најбрз на ридски патеки во категоријата 1. Последен кој успеал да ја одбрани титула е Германецот Јорг Вајдингер во 2005 и 2006 година.
На две трки до крајот на првенството, Стефановски води во генералниот пласман со 215 бода пред Лукас Војачек (181 бод), единствениот кој теоретски може да го загрози неговото прво место. Чехот до крајот може да освои максимум 216 бода, а на „летечкиот Македонец“ му е потребен еден бод за да биде недостижен. 
Првата од двете шанси Иџе ќе ја има овој викенд на трката во Илирска Бистрица во Словенија и доволен му е било каков пласман во неговата група Н, додека Војачек останува во трка за титулата само во случај нашиот ас да не ја заврши трката, а тој да победи во неговата група А. Од тие причини, Иџе за оваа трка најави поконзервативено возење, без оглед што негов заштитен знак на европските брда станаа победите, триумфирајќи на осум од 10. трки во досегашниот тек на шампионатот.
 
 
- Досега на сите трки одевме на победа како наша единствена опција, но сега, во Словенија, пласманот во бодови е поважен од постигнување на најдобар резултат во групата Н, па така ќе имам малку порезервиран настап без непотребно форсирање. Не сакам да ризикувам некое излетување или технички дефект со што би се довеле во ситуација за титулата да решава последната трка во Хрватска – најавува Иџе.
Минатата година Стефановски импресивно триумфира во Илирска Бистрица со нов рекорд на патеката во групата Н, со што го докажа неговиот неспорен возачки квалитет и пред словенечката публика. Конкуренцијата годинава е бројна и жестока и во групата Н, заедно со Стефановски пријавени се 16 учесници, а во групата А освен Војачек има уште 11 возила. Вкупно на трката се пријавени 186 натпреварувачи. 
- Патеката е интересна и пред се техничка. Таков тип на патеки добро ми лежат и досега на сите вакви трки извојував убедливи победи. Но, како и секоја друга патека има и свои опасности, а посебно би издвоил две шикани до кои се доаѓа со голема брзина. Организацијата е беспрекорна, има многу публика, а патеката е одлично подготвена. Словенците лани имаа шанса да ме видат во вистинско светло, но овојпат, титулата е сепак поважна – додава Иџе.
Патеката во Илирска Бистрица е долга 5.010 метри, а ќе се возат две трки. Трката се вози од 1995 година, а за првпат се најде во календарот за ЕП во 2007 година и се вбројува како најдобро организираната ридско – брзинска трка на просторите од поранешна Југославија.