Свет
20. October 2015 - 13:15

И Германците ги бараат истите отстапки од ЕУ кои ги бараат Британците

Политика - Белград

Британскиот премиер во ноември во Брисел ќе ја достави листата на промени која сака да ја постигне во преговорите за британското членство во ЕУ.

Иако се очекуваше дека на минатиот Самит на лидерите на Европската унија британскиот премиер Дејвид Камерон конечно ќе изнесе барем некои конкретни барања за тоа какви отстапки очекуваат Британците од ЕУ за да не ја напуштат, тоа сепак не се случи.

За можниот „брегзит‟ европските „дваесетосуммина‟ речиси не ни разговараа, освен што Камерон вети дека на почетокот на ноември на претседателот Доналд Туск ќе му прати писмо во кое детално ќе ги изложи промените кои сака да ги постигне во преговорите за британското членство во ЕУ.

- Темпото сега ќе се забрза и јас повторно ќе изложам четири клучни области каде што нам ни е потребна промена, што ќе биде темел на промените кои ќе започнат во ноември, рече Камерон во Брисел, посочувајќи дека се ќе се забрза до следниот самит на ЕУ, кој е планиран за 17 и 18 декември. - Верувам дека можеме да постигнеме добар договор за Велика Британија и да ги поправиме работите кои би требало да бидат поправени, додаде тој.

Соочени со решавањето на бегалската криза, останатите лидери не се ни осврнаа на „брегзит-от‟, освен германската канцеларка Ангела Меркел, која пред Самитот во говор во Бундестагот рече дека Берлин конструктивно ќе работи со Лондон на бараните реформи на ЕУ, но дека не може да се преговара за основните принципи на Унијата.

- Постојат прашања за кои не се преговара. Постојат достигнувања на европските интеграции околу кои нема пазарење, на пример за принципите за слободното движење и принципот за недискриминација, рече канцеларката, која смета дека е можно да се постигне „прифатлив компромис‟.

Таа пред една недела за тоа директно разговараше со Камерон, кој на Британците им вети дека до крајот на 2017 година ќе распише референдум за британското членство во ЕУ, а претходно ќе се преговара за отстапките од ЕУ.

Засега не изнесе ниту едно конкретно барање, но дипломатски извори наведуваат дека Лондон ќе бара експлицитна заштита на статусот на британската фунта и на лондонскиот финансиски центар Сити, потоа ограничување на социјалните бенефиции за мигрантите, поттикнување на економска конкурентност, но и заштита на суверенитетот, како и можноста Лондон да не учествува во настанувањето на „уште пообединета унија‟.

Со пораката дека нема преговори за основните принципи на ЕУ, Меркел всушност на Камерон му рече дека меѓу другото, не може да добие дозвола да ги намали социјалните бенефиции на државјаните на останатите земји во ЕУ кои се преселуваат во Велика Британија каде живеат и бараат работа.

Покрај тоа, дипломатските извори наведуваат дека кабинетот на Меркел веќе ги разработува можните сценарија за реализација на реформите кои Лондон би можел да ги бара. Берлин всушност правно ги анализира реформите неопходни за поддршка на сите членови, како и одобрување на национални парламенти или распишување на референдум.

И додека официјален Берли се „мурти‟ на барањата на Британците, две одвоени истражувања на јавното мислење покажуваат дека германската јавност и деловната заедница гледаат позитивна страна на барањата на Камерон. Дури, би сакале и Германија да ги добие тие отстапки.

Според истражувањата на Британската стопанска комора во Германија и берлинската канцеларија на невладиниот институт „Опен Јуроп‟, најголемиот дел од германските деловни луѓе (67 отсто) и германската јавност (64 отсто) ги поддржуваат реформите кои ги бараат Британците, посебно тие кои се однесуваат на тоа ЕУ да го ограничи правото на државјаните да се селат во друга земја во Унијата и таму веднаш да добиваат социјални бенефиции, како надоместоци за невработени.

Како што истакнуваат истражувачите на јавно мислење, Германците имаат слично мислење како и Британците, но само тогаш кога се прашани за конкретни реформи, а не дали би требало на Британците да им се овозможи исклучок од правилата на ЕУ.

- Им поставивме конкретни прашања за реформите кои би требало да бидат применети во целата ЕУ, не само тие кои би можеле да бидат одобрени само за Британците, рече директорот на берлинската канцеларија „Опен Јуроп‟ Михаел Волгемут, претставувајќи ги резултатите од истражувањата.

На прашањето дали националните парламенти треба да имаат право да можат да ги блокираат донесените закони на ЕУ, 61 отсто од германските бизнисмени и 64 отсто „обични‟ Германци одговорија потврдно, како што би одговориле и поголемиот дел Британци.

- Тоа што Велика Британија го сугерира го подржува голем дел од населението. Тоа е во голем интерес на Германија, вели Андреас Мајер Шбикерат, шеф на Британската стопанска комора во Германија. - Такви ставови можеби не поддржуваат во Франција и Италија, но за повеќе прашања Германците и Британците се согласни, велит тој.

Швикерат најмногу е загрижен дека ако Британија излезе, „ЕУ може да се распадне‟, додека германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле смета дека „брегзит-от би било катастрофа за Велика Британија и Европјаните‟.

Поради евентуалниот „брегзит‟ би жалеле 89 отсто од испитаните германски бизнисмени, но во општата популација уделот е значајно помал – 55 отсто.

Истражувачите немаат одговор на прашањето зошто Германците не се загрижени премногу за можното излегување на велија Британија од ЕУ, но укажуваат и дека ако Меркел ги бара отстапките на Камерон тоа нема да биде толку непопуларно меѓу нејзините гласачи.

Сметајќи на тоа, но и на влијанието на Меркел во ЕУ, Камерон од мајските британски парламентарни избори дури трипати ја посети Германија трудејќи се да ја придобие канцеларката на своја страна.

Меѓутоа, според мислењето на коментаторот на „Сандеј тајмс‟, тој греши што премногу вложува надеж во договор со Меркел, наместо во врска со ова да се фокусира на градење на сојузништво со британските „природни сојузници‟ - Скандинавија и источна Европа.

Освен тоа, како што истакнува коментаторот на лондонскиот „Обзервер‟, тоа што Велика Британија одлучи да не учествува во програмата за распределба на бегалците во внатрешноста на ЕУ „тешко дека е рецепт за охрабрување на лидерите на ЕУ да и одобрат на Британија дополнителни исклучоци‟ од правилата на Унијата.

Тоа најмалку ја охрабри Меркел, која решавањето на бегалската криза го стави во центар на својата политика.