Балкан
26. јуни 2020 - 10:22

Хрватскиот доктор и научник Приморац смета дека коронавирусот е ослабнат

Ги имаме скоро сите индикации дека постојната варијанта на коронавирусот е послаба, вели хрватскиот доктор и научник Драган Приморац, член на Владиниот научен совет за борба против пандемијата на коронавирус.

Тој во гостување на ХТВ посочи дека денес знаеме многу повеќе за вирусот и сме многу посигурни како да се однесуваме.

„Според бројните показатели, се разбира, лекарите секогаш се претпазливи бидејќи не сакаат популацијата да се опушти, ги имаме скоро сите индикации дека постојната варијанта на вирусот е послаба и дека значително помалку луѓе развиваат посериозни компликации отколку во февруари“, рече Приморац во емисијата на „Добро утро Хрватска“.

Тој додаде дека состојбата е приближно таква на сите континенти. „Бројот на пациенти на респиратори во земјите што ги набљудувам е драстично намален“, додаде тој.

Приморац рече дека вакцината што ја развила „Модерна“ е во втора клиничка фаза која завршува многу добро и дека покажала дека кај голем број испитаници нивото на антитела е скоро идентично или повисоко од нивото на антитела развиени од луѓе кои преку природен контакт се заразиле со Ковид-19. „Тоа е феноменална вест“, кажа тој.

Сепак, додаде Приморац, треба бидеме претпазливи затоа што во 2012 година беше развиена вакцина за САРС и животните на кои беа извршени експериментите покажаа екстремно висок развој на антитела, но сепак починаа поради оштетување на белите дробови и црниот дроб.

Приморац, исто така, рече дека мора да бидеме одговорни и оптимисти затоа што човечкото тело има огромна сила што не смееме да ја негираме.

Драган Приморац (1965), хрватски доктор и универзитетски професор, е експерт за судска генетика. Тој во моментов е претседател на Комитетот за меѓународни односи на Американската академија за форензички науки и е претседател на Меѓународното здружение за применета биолошка наука (ИСАБС). Тој е претседател на хрватското друштво за човечка генетика, хрватското здружение за персонализирана медицина, хрватскиот кластер за конкурентност за персонализирана медицина и на Управниот одбор на Специјалната болница Св. Катарина.