Балкан
24. November 2020 - 17:57

Хрватски експерт: Вакцинирање на 70 проценти од граѓаните ќе ја запре епидемијата

Шефот на хрватскиот Национален штаб и министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ денеска изјави дека треба да се стори се за да се вакцинираат што повеќе граѓани, кога ќе пристигне вакцината против новиот коронавирус во Хрватска.

Божиновиќ на прес-конференција рече дека за да се запре епидемијата, потребно е да се вакцинираат 70 проценти од возрасната популација.

– Според Законот за заштита на граѓаните од заразни болести, постојат вакцини што се задолжителни. Со цел вакцината да ја запре епидемијата, треба да се вакцинираат 70 проценти од луѓето, а ние ќе се погрижиме тоа да се случи, рече Божиновиќ.

Тој потврди дека за ова се разговарало и на вчерашната седница на Советот за национална безбедност на Хрватска.

Според него, ќе биде потребна дополнителна комуникација со граѓаните и изрази надеж дека ќе има поддршка од медиумите, објави загрепски „Јутарњи лист“.