Македонија
15. December 2020 - 15:37

Хронично болните нема потреба да се вакцинираат со комерцијална вакцина, вели Филипче

Апсолутно нема потреба граѓаните или пациентите со хронична болест на кои им следува според критериумите бесплатна вакцина, да оди и да се вакцинира со комерцијална вакцина, рече во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

– Ние имавме одлична проценка за тоа колку пациенти треба да се вакцинираат и јасно укажувавме на тоа зошто се термините со подолг временски интервал за престој на пациентите во здравствените установи во смисла на тоа да нема чекање, да нема гужва, да нема концентрација. Дуплирани се сега термините и смените во повеќе градови, сега треба уште во некои градови во источниот дел на земјата да се достават денеска по новите дуплирани временски термини, рече Филипче.

Информира дека направиле анализа која укажува дека овој период бројот на заболени од сезонски грип е дупло помал во однос на истиот период лани.

– Направивме мала анализа, бројот на заболени од сезонски грип овој период споредбено со истиот период минатата година е дупло помал. Тоа е еден тренд кој се случува и во другите земји. Значајно намалување беше забележано и кај земјите од јужната хемисфера за време на тамошното лето, што е некој феномен кој допрва треба да се испитува и науката да одговори зошто е така во контекст на постоење на Ковид-19, посочи Филипче.