Балкан
17. May 2021 - 13:57

Хина: Брнабиќ најави изградба на хидроцентрала на Дрина без согласност на БиХ и Црна Гора

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска во Сараево потврди дека нејзината земја ќе гради нова хидроцентрала на Дрина во соработка со властите на Република Српска, и покрај тоа што нема согласност од властите на БиХ, а Црна Гора смета дека проектот е еколошки проблематичен, јави хрватската агенција Хина.

Брнабиќ ги донесе сите свои министри во источно Сараево и одржа заедничка седница со владата на РС, по што им рече на новинарите дека Србија обезбедила пари за изградба на хидроцентралата Бук Бијела, а работата во вредност од околу 200 милиони евра може да почне веднаш.

– За ова се зборуваше со децении, а денес го започнуваме, рече Брнабиќ, која потоа отпатува за Фоча да учествува на церемонијата на започнување на спорната хидроцентрала.

„Бук бијела“ е планирана како дел од поголемиот енергетски проект наречен „Горња Дрина“ и треба да има инсталиран капацитет од 93 мегавати и годишно ќе произведува 355 гигават часови електрична енергија. Електростопанство Србија ќе поседува 51 процент од акциите, а РС 49 проценти.

Предвидена е и последователна изградба на две помали хидроцентрали со капацитет од 44,15 и 43,21 мегавати, а вкупната инвестиција на крајот би изнесувала 450 милиони евра.

Проектот за хидроцентралата „Бук бијела“ беше разгледуван уште во 60-тите години на минатиот век во поранешна Југославија, и беше запрен поради проценките на Црна Гора дека неговата реализација, која вклучува изградба на вештачко езеро долго повеќе од 11 километри, ќе има значителни негативни последици по животната средина затоа што би ја загрозил реката Тара, која заедно со својот кањон е под заштита на УНЕСКО.

Црногорската Влада по актуелизирањето на проектот на крајот од 2020 година, побара Србија и БиХ да достават документација за планираната градба со во Подгорица цел да се процени како тоа ќе влијае на Тара, како и на Националниот парк Дурмитор. Досега не добиле никаков одговор.

Центарот за животна средина и центарот Архус од Босна и Херцеговина, заедно со организациите Грин Хоум и Озон од Црна Гора, претходно поднесоа жалба против БиХ до Секретаријатот на Конвенцијата за прекугранично влијание врз животната средина (ЕСПОО) за кршење и избегнување на процедурата за прекугранична проценка за влијанието врз животната средина во плановите за изградба на „Бук бијела“.

Но БиХ на ниту еден начин не била вклучена во овој проект, бидејќи Белград и Бања Лука преговарале самостојно, иако Дрина, како гранична река, е област над која државата има суверенитет, а не нејзините ентитети.

На крајот на декември минатата година, група од 24 пратеници во Претставничкиот дом на парламентот на БиХ испратија барање до Уставниот суд на БиХ да утврди дали во овој случај се повредени државниот устав и законите, но сè уште нема пресуда.

Одговарајќи на новинарски прашања, Брнабиќ рече дека е среќна што и покрај сите забелешки, Србија влегува во овој проект, наведувајќи дека секоја форма на производство на електрична енергија има одредено влијание врз животната средина.

– Мораме да добиеме електрична енергија од некои извори … Треба постепено да ги исклучуваме термоцентралите од енергетскиот систем, така што хидроцентралите се добра замена, коментираше српската премиерка.

Брнабиќ ја потврди претходната најава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека неговата земја исто така ќе инвестира во изградба на аеродром во близина на Требиње во источна Херцеговина, во кој тој планира да инвестира 100 милиони евра и да ја преземе целосната контрола врз објектот. Брнабиќ, како и Вучиќ претходно, не објасни кои се точно мотивите за оваа инвестиција, затоа што е тешко да се очекува дека аеродромот, лоциран во слабо населен дел на БиХ, може да биде профитабилен во наредните години, пишува Хина.

По состанокот со Брнабиќ, премиерот на РС Радован Висковиќ денеска рече дека аеродромот во Требиње ќе служи за „приближување на Херцеговина до Белград“.