Македонија
30. October 2021 - 11:44

Хелсиншки комитет: Граѓаните утре ќе можат да пријавуваат повреда на избирачкото право

Хелсиншкиот комитет за човекови права информира дека утре канцеларијата на Комитетот ќе биде отворена во текот на целиот ден, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на вториот круг од локалните избори.

Како што се наведува во соопштението, Комитетот ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот, која се наоѓа на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83 во Скопје и преку телефонските броеви 02 3119 073 и 072 278 436. Покрај личното и телефонското пријавување, овозможена е и пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право.
 
Граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно.

Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност. Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Хелсиншкиот комитет и тие нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните што ја пријавиле повредата, се посочува во соопштението од Хелсиншкиот комитет.