Македонија
9. February 2017 - 11:15

Хан во Скопје на средби со политичките лидери

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан изутринава имаше средба со премиерот Емил Димитриев, пред учеството на денешниот Министерски состанок за Западен Балкан, што се одржува во Скопје, а чиј домаќин е македонското Министерство за надворешни работи. 

Во македонската Влада евромесарот Хан претпладнево присуствуваше на состанокот на министрите за енергетика од Западен Балкан, по што  ќе учествува на Министерскиот состанок во МНР.

На маргините на Министерскиот состанок за Западен Балкан, Хан ќе се сретне со лидерите на политичките партии што се застапени во македонското Собрание.

Тој треба да има одвоени средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на Беса Билал Касами и со Зијадин Села од Алијансата за Албанците.

На средбите се очекува да стане збор за актуелната политичка ситуација во земјата и за разговорите за формирање влада по предвремените парламентарни избори од 11 декември. 

Ова е прва посета на еврокосеарот Хан на Македонија по изборите на 11 декември. Во обраќање пред Советот на Европа кон крајот на јануари, Хан изјави дека очекува во земјата брзо да се формира влада поддржана од широко парламентарно мнозинство, која ќе ги спроведе итните реформи и ќе продолжи да отвора европерспективи за земјата, и започнување на преговорите за членство. Покрај итните реформски приоритети, од новата влада се очекува да го реши и прашањето околу разликите за името со Грција.